За повисоките цели во медицината – дали ја оправдуваат нашата доверба?

914

Со тек на времето е осознаено дека за потполна заштита на пациентот не е доволно истиот само да даде доброволна согласност за одредена медицинска постапка или процедура, туку дека таа согласност мора да биде базирана на негова потполна информираност за таа постапка, а исклучително важно е согласноста да биде ослободена од било каква присила. Присилата од друга страна е посебно тешко да се избегне бидејќи таа може да биде прикриена и да доаѓа од најразлични извори, почнувајќи од докторот, преку семејството, па се до целокупниот здравствен систем(11). Концептот на информирана согласност се појавила за прв пат 1957.година(12) и подразбира дека докторот не може да започне со медицински третман на пациентот се додека не му ги даде сите релевантни податоци за предложениот третман и за достапните алтернативни третмани како и да пациентот има право самостојно да одлучи дали сака да ја прифати или одбие примената на тој третман.

Информираната согласност денес е изрегулирана со бројни меѓународни прописи во кои се истакнува дека согласноста мора да биде доброволна, а пациентот мора да биде запознаен со сите ризици, трошоци, тегоби, можната корист, алтернативните методи, тајноста на податоците и надокнадите при евентуални повреди од постапката на која се подложува.

Информираната согласност е веќе внесена во македонското законодавство преку потпишување на Европската конвенција за заштита на човековите права и достоинството на човечкото суштество во однос на примената на биологијата и медицината во биомедицината (Convention for the Protection of Human Rights and Dignity of the Human Being with regard to the Application of Biology and Medicine: Convention on Human Rights and Biomedicine * Oviedo, 4.IV.1997), донесена од Советот на Европа, а ратификувана од Собранието на РМ со Закон (Службен весник на РМ бр.55/2009). Во оваа конвенција е наведено дека: “Интересите и добросостојбата на човечкото суштество ќе преовладуваат во однос на единствениот интерес на општеството или наукатаи “Интервенција во област на здравството може да се изврши единствено кога засегнатото лице доброволно ќе се согласи на тоа врз основа на претходно дадена информација. Тоа лице треба претходно да добие соодветни информации за целта и природата на интервенцијата, како и за последиците и ризиците од истата. Засегнатото лице може да ја повлече согласноста во секое време.“

Продолжува на страна 7