За повисоките цели во медицината – дали ја оправдуваат нашата доверба?

914

Сепак, 20тиот век изобилува со примери на медицински интервенции врз човечки субјекти со кои грубо се прекршени сите човечки, етички и морални принципи во медицината. Пред Втората светска војна, во многу истражувања се употребувале посебно ранливи субјекти како деца, ментално болни, затвореници, припадници на малцинства и тешко болни пациенти, а вообичаено се сметало дека поважно од информирана согласност е да се добијат релевантни научни податоци (2).

Најтешките медицински злосторства врз човечки субјекти се направени од страна на нацистичките доктори- истражувачи, чии злосторства се откриени на јавноста во тек на Нинбершките судски процеси(13), по завршување на Втората светска војна и кои ги потресоа базичните концепти на етиката, медицинската наука и хуманоста. Се проценува дека во масовните убиства на илјадници затвореници во концентрационите логори учествувале околу 200 доктори (3) кои спроведувале медицински експерименти, дел од нив со цел развој на методи за лекување на болести од кои страдале германските војници. Така, поради ширењето на туберкулоза помеѓу војниците, нацистичкиот доктор Heissmeyer во логорот Neuengamme во близина на Хамбург, спроведувал експерименти за да установи дали постои природен имунитет за оваа болест. Сметал дека туберкулозата не е заразна болест туку ги погодува само исцрпените организми. За да го проучува имунитетот против ТБЦ им вбризгувал живи бацили на туберкулоза во белите дробови на затворениците, а за да ги скрие доказите пред крај на војната наредил сите деца учесници во експериментот да се обесат (4,7).

По судењата во Нинберг, посебно внимание се посветува на регулирањето на експериментите со човечки субјекти, па така меѓународната заедница го усвојува Нинбершкиот кодекс 1949 година кој е прв светски меѓународен кодекс за легално и етичко постапување во медицината во кој е нагласена важноста на доброволно дадената согласност пред било која медицинска интервенција(5). Во 1964 година Светското медицинско здружение ја носи Хелсиншката декларација, збир на принципи и етички начела, каде за прв пат се зборува за тајност и поверливост на медицинските податоци, а се истакнува дека приоритет треба да има благосостојбата на пациентите а не интересите на општеството и науката(6).

Продолжува на страна 5