Сарита Бредли, македонско девојче

4140

Шопска и ајвар

Кога е во Македонија, редовно јаде шопска салата, пилешка супа и месо, пресен кромид, феферонки и се разбира, домашен ајвар. Во Минхен живее со својата цимерка и многу добра пријателка Викторија со која многу често патуваат заедно.

– Пред две години почнавме еден проект „Back to the roots“. Викторија е половина Германка, половина Португалка па заедно патувавме во Штутгарт, Франкфурт, Лисабон, а бевме и во Македонија, поточно, во Маврово и во Скопје, вели Сарита.

Таа и Викторија се и сега, веќе третпат, заедно во Македонија. И двете додека се во Македонија секојдневно уживаат во шопска салата и пилешко со ориз, а Викторија се жали дека кога се враќа оттука Сарита носи толку многу тегли ајвар што потоа во фрижидерот немаат доволно простор за ништо друго. Омилен пијалок на Сарита кога е во Македонија е газозата, а се уште се сеќава и на вкусот на „Тика“, пијалок кој го пиела кога како помалечка одела кај дедо и во Прилеп.

Кога е во Минхен оди на фитнес, степаеробик, трчање, а сака да игра и салса. Но, затоа во Македонија го сака скијањето во Маврово и иако има можност да скија во Австрија и во Швајцарија, подобро се чувствува токму во Маврово кое им го препорачува за скијање и на Германците. И се допаѓаат планините и кога има шанси за тоа, сака да планинари, а повторно би сакала да оди и на Матка. Бидејќи многу го сака селото Дрен во прилепско, како и манастирот Свети Илија, пред четири години решила да се крсти. Крштевката ја направил македонски свештеник во Германија.

Пајдушко оро и Македонско девојче

Сарита ја обожава македонската фолклорна музика и како мала одела на секоја свадба во фамилијата. Едно време одела и на часови за македонски ора, а најмногу го сака пајдушкото оро на кое ја научила и својата другарка Викторија.

Омилена песна и е „Македонско девојче“ и бидејќи е прилично музикална, ја препеала на англиски и на шпански јазик и снимила интересна џез верзија со една македонска група, но, како што вели, се случила типична македонска работа и објавувањето на песната прилично се оддолжило. Се надева дека наскоро и јавноста ќе може да ја слушне.

Во иднина би сакала се да остане така како што е … да има нови проекти секоја година, повеќе култура, повеќе патувања, спорт и здрава храна. И да донесе што повеќе пријатели од Германија кои ќе сакаат да инвестираат и помогнат Македонија да остане убаво место за живеење. Токму со таа цел е тука и овие денови.

За МИА Драгица Христова