Хасановиќ | Може да се очекува Русија да влијае преку црквата и да ги подгрее етничките тензии

1192

Одлуката на Сенатот, кој едногласно ја усвои резолуцијата, е одраз на единство и обединување, нешто што ретко се гледа во силно поделениот Конгрес на САД.

Со резолуцијата се осудуваат воени злосторства, злосторства против човештвото и системски прекршувања на човековите права, извршени од страна на руската армија под раководство на Путин. Но, во резолуцијата посебно се нагласува дека усвојувањето на резолуцијата не значи и објавување на војна против Русија, ниту пак дава „зелено“ светло за испраќање американски војници во Украина, вели во разговор за „Локално“, Елмас Хасановиќ, м-р по меѓународни студии, наука и политика за нуклеарна непролиферација.

Хасановиќ не може со сигурност да потврди дали е можно повторување на старото сценарио од 24 Јуни 1998 година, кога Конгресот на САД, усвои Резолуција со која беа осудени воените злосторства, злосторствата против човечноста и геноцид извршени од страна на Слободан Милошевиќ како поранешен претседател на Република Србија.

– Во случајот со Слободан Милошевиќ, за прв пат актуелен шеф на држава беше обвинет за воени злосторства од страна на Меѓународниот Кривичен Трибунал за воени злосторства во Југославија и доведен пред лицето на правдата. Доколку МКС одлучи да поведе постапка против Путин, тоа би бил втор случај, каде актуелен шеф на држава е обвинет за воени злосторства, заклучува тој.

Тој смета дека сојузниците на НАТО и ЕУ се едногласни во поддршката на суверенитетот и интегритетот на Украина, а економските санкции воведени од страна на САД, ЕУ и НАТО претставуваат сериозен удар врз економијата на Русија.

– Доколку оваа војна потрае, а со тоа и се интензивира примената на нови економски санкции, руската армија ќе претрпи големи загуби на терен, а нивната економија за брзо време ќе колабира. САД, ЕУ и сојузниците на НАТО се единствени во напорите за целосно меѓународно политичко и економско изолирање на Русија и рускиот претседател Владимир Путин, а резултатите од нивното делување се веќе видливи, вели Хасановиќ.

Уште во 2008 година, на НАТО самитот во Букурешт, сојузниците се согласија дека Грузија и Украина ќе станат членки на НАТО во иднина, но не се согласија да им биде доделен Годишен акциски план (MAP) за членство. Оваа одлука беше повторена и на Самитот во Брисел одржан во Јуни 2021 година, притоа потенцирајќи дека ќе им се додели МАП на двете земји.

Оттука Хасановиќ е дециден дека Акциските планови сами по себе не значат и членство во НАТО, но се иницијален чекор кон исполнување на реформите потребни за членство во НАТО.

– Сметам дека доколку Украина се приклучи на Алијансата, НАТО сојузниците во суштина би биле приморани да го активираат членот 5 за колективна одбрана и на тој начин би влегле во директна отворена војна со Русија. Оттука, речиси невозможно е Украина да се приклучи кон НАТО во вакви услови, додава тој.

Во однос на барањата на Путин смета дека се работи за 6 клучни барања.

– Украина да се обврзе дека нема да аплицира за членство во НАТО и се обврзува да одржува воена неутралност (промена на Уставот на Украина), рускиот јазик да биде вториот официјален јазик во Украина, а законите што го забрануваат да бидат укинати, признавање на Крим како руска територија, признавање на независноста на Доњецк и Луганск, демилитаризација на Украина и разоружување на оружјето што може да биде закана за Кремљ и забрана на ултра-националистички партии и организации во Украина. Со други зборови, доколку двете страни се согласат на тоа, Украина ќе треба или доброволно да се откаже од дел од својата територија во источниот дел од земјата (најлошо сценарио) или да прифати дека Крим (кој Русија незаконски го анексираше во 2014 година) сега навистина и припаѓа на Русија (помалку лошо сценарио). За сега, од јавно достапните информации, сеуште е нејасно што е прифатливо, а што не е за Зеленски и Украина, заклучува тој.

Било каква разрешница на конфликтот според него ќе се рефлектира врз сите региони во Европа, вклучително и Западен Балкан.

– Земјите од Западен Балкан не се толку блиску до Русија како Украина, од сите страни граничат со НАТО земји-членки, а дополнително Албанија и Република Северна Македонија се членки на НАТО, па затоа е многу потешко да се очекува такво сценарио. Тоа што може да се очекува е Русија да се обиде да влијае преку црквата и под максимата на „православно словенско братство“ да ги подгрее етничките тензии во Република Српска, Црна Гора и Северот на Косово и на тој начин да се обиде да изврши дестабилизација и наметне политички решенија. Патриотските здруженија како прокси, надополнети со хибридните напади се познат модус-операнди на Русија на овие простори, вели Хасановиќ.

Хасановиќ потенцира дека тврдењата на Русија преед МПС се мошне слаби и неиздржани со недостаток на факти и докази .

– Меѓународниот суд на правдата (МСП), e највисокиот суд на Обединетите Нации, и истиот сослушува спорови исклучиво меѓу суверени држави, за разлика од посебниот Меѓународен кривичен суд кој суди поединци за сторени работи како воени злосторства, и неговата јурисдикција се потпира на државите кои даваат согласност. Аргументите на руската страна пред МСП се повеќе политички отколку правни. Всушност, постојат два аргумента кои можат да имаат некаква правна основа: Русија дејствува во „самоодбрана“ и дека Украина извршила геноцид врз етничките Руси.

Тој потенцира дека евидентна е промената во однесувањето на Русија од претходно.

– Во 2008 година, кога Русија ја нападна Грузија, МСП исто така отвори случај во кој Русија активно учествуваше. Во случајот со Украина, Русија не се појави на првичното сослушување во Хаг на почетокот на март. Наредбата на итен прекин на воените операции спаѓаат во групата на т.н привремени мерки кои се обврзувачки. Тоа значи дека, без оглед на тврдењата на Русија дека нивната инвазија е легална, сепак таа го прекршува меѓународното право со тоа што не ја почитува наредбата на МСП. Но, слаба страна на овие мерки е нивното извршување/примена поради недостаток на глобална јурисдикција и глобално тело кое би ги спровело нејзините одлуки. За жал, Русија има „дебело досие“ на прекршување на билатералните и меѓународните договори, и во конкретниот случај, постои голема веројатност дека Русија ќе продолжи да ги игнорира мерките на МСП и ќе продолжи со воените дејствија во Украина сè додека не ги исполни своите цели.

Одеса е третиот најголем град во Украина, а Хасановиќ смета дека претставува важен економско-индустриски и културно-историски центар, но и оперативен центар на украинската морнарица.

– Во Одеса се наоѓаат бројни компании од областа на инженерската индустрија, хемиската индустрија, домашни и меѓународни компании за развој на информатичка технологија, рафинирање на нафта, како и преработка на храна. Од тие причини, Одеса има стратешка важност за Украина, но и за Русија. Доколку се погледнат правците на делување/напад на руските воени сили и во која насока се движат, целта е да се освои и Одеса со цел ефективно отсекување на остатокот од Украина од Црното Море, со што би ја оставило Украина без излез на море. На тој начин Русија би имала целосна контрола врз меѓународниот поморски транспорт, но и стратешка предност во однос на останатите земји во Црното Море. Тоа би значело понатамошно трупање на војска и рактени системи, како и проширување на Руската Црноморска флота на границите со ЕУ и НАТО земјите-членки, но и поморшко и инфраструктурно поврзување со Крим (Севастопол и Јалта), заклучува тој.

mia.mk

*Ставовите изразени во оваа анализа се лични ставови на Елмас Хасановиќ и не ги одразува официјалните ставови на институцијата во која работи или е професионално ангажиран.