Мики, Дарио и Џокси ѝ подарија нов живот на „Љубовта е…“ | Видео

61

Една од песните што оставија свој белег на македонската фестивалска сцена, „Љубовта е“, доби нова музичка димензија.

Џокси ја обнови својата макфестовска песна, овојпат во друштво на двајца свои долгогодишни пријатели и колеги – Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски. Од некогашната соло изведба, „Љубовта е“ прерасна во вокална приказна за три гласа, со поинаква атмосфера и свежа интерпретација.

За новиот аранжман и звучниот идентитет се погрижија Валентино Скендеровски од „Ентерпрајз продукција“ и Томче Бојаџиески од „ТФТ продукција“, додека автор на текстот е Огнен Неделковски. Особена вредност на новата верзија ѝ даваат и двете строфи што не беа вклучени во фестивалското издание, а сега повторно се дел од песната, овозможувајќи ѝ на приказната да се заокружи во целост.

По новото звучно обликување, песната доби и своја видеоприказна. Џокси вчера, 23 ноември 2026 година, го промовираше видеоспотот, со кој на познатата композиција ѝ даде и визуелна димензија, дополнувајќи ја нејзината нова музичка атмосфера.

Во своето обраќање по повод промоцијата, Џокси открива дека приказната за „Љубовта е“ започнала многу порано од нејзиното фестивалско претставување.

„Можеби ја паметите „Љубовта е“ од Макфест 2018. Приказната за неа почна многу порано, кога му ја отпеав на Мики Јовановски Џафер кај нас дома и му предложив заедно да ја пријавиме на нашиот избор за Евровизија. Таа идеја тогаш остана нереализирана. Денес, по повеќе од две децении, ми е особено драго што песната ја пеам со Мики и Дарио.

Кога ја пишував музиката за „Љубовта е“, појдов од тоа како Огнен Неделковски ги реди сликите во текстот. Истите два збора, „Љубовта е“, нè враќаат на почетокот, а секојпат по нив доаѓа нешто неочекувано. Од „добитен тикет“ до „слатка лага“, па сè до „земја наша“. Сакав мелодијата да ги поврзе тие слики, а на зборовите да им остави простор да го сменат расположението.

Затоа ми беше важно во новата верзија да ги вратиме двете строфи што ги изоставивме за Макфест. Со нив повторно се слуша целиот пат што го минува песната, од првите разиграни слики до последната, „земја наша“.

„Љубовта е“ од моја соло изведба стана песна за три гласа. Мики и Дарио, секој на свој начин, ги прочитаа стиховите што дотогаш ги пеев сам. Кај Мики ме радува онаа негова препознатлива рапавост, со која и наједноставниот стих добива тежина. Кај Дарио ми се допаѓа колку природно ја пренесува мислата, како да ти ја кажува во разговор. Со нив повторно ги слушнав зборовите на Огнен и открив нијанси што дотогаш ми бегале. Токму тоа ми беше мерак во оваа соработка.

Со Валентино и Томче Бојаџиески работевме на тоа секој глас да си го задржи својот карактер, а сите тројца да звучиме како дел од истата песна. Со мерак ви го споделувам и видеото“, сподели Џокси.

Со оваа нова верзија, „Љубовта е“ добива уште едно поглавје во својата музичка историја. Песна што некогаш беше замислена како соло изведба, денес повторно живее низ три различни вокални карактери, обединети во една заедничка музичка приказна.

Како звучи и изгледа новата интерпретација на Џокси, Мики Јовановски Џафер и Дарио Панковски, погледнете во видеоспотот во продолжение.