На 6 декември во СЦ „Јане Сандански“, македонските оперски уметници ќе го одржат својот најголем заеднички концерт досега во Македонија!
Ана и Игор Дурловски ја носат својата најамбициозна заедничка концертна продукција пред македонската публика. Во организација на „Пасворд продукција“, на 6 декември 2026 година, во 20 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, концертот „ЗАВЕТ – Од светот до изворот“ ќе ги обедини оперската и класичната музика, филмските теми, современите светски хитови и македонската музичка традиција.
Со искуство стекнато на престижни меѓународни сцени, двајцата истакнати македонски оперски уметници подготвуваат вечер во која нивните гласови ќе се сретнат со различни жанрови, епохи и музички изрази. На сцената ќе им се придружат големиот симфониски оркестар АЈГА, хор и специјални гости, под диригентската палка на Ана Спасовска.
Програмата опфаќа дела од Карл Орф, Георг Фридрих Хендл, Џакомо Пучини, Жак Офенбах, Еитор Вила-Лобос и Енио Мориконе, како и композиции од Radiohead, Sia и други автори. Публиката ќе ги слушне „O Fortuna“, „Creep“, „The Book of Love“, „Chandelier“, „Pie Jesu“, „Nessun Dorma“ и „Bring Him Home“, меѓу другите познати наслови. Дел од композициите ќе бидат изведени во нови оркестарски аранжмани и интерпретации, подготвени во соработка со македонскиот композитор и аранжер Сони Петровски.
Од монументалниот звук на „O Fortuna“, преку драматичноста на „Creep“ и „Chandelier“, до нежноста на „The Book of Love“ и „Bring Him Home“, програмата ќе отвори простор за поинакво доживување на познатите мелодии. Симфонискиот оркестар, хорот и солистичките интерпретации ќе им дадат нова звучност и сценска димензија.
Посебно место во „ЗАВЕТ“ има враќањето кон македонската песна. Во завршницата на концертот ќе прозвучат „Кажи Анѓо“, „Дејгиди, луди млади години“, „Излегу да се рашета“, „Стојне, бре Стојне“ и „Назад, назад Калино моме“ – песни што поврзуваат генерации и го чуваат сеќавањето на сопствените корени.
Токму ова враќање кон изворот ја носи основната идеја на концертот: уметничкото искуство стекнато низ светот да се спои со музичкото наследство од кое потекнува. Во голема симфониска продукција, македонските мелодии ќе ја заокружат вечерта посветена на гласот, припадноста и трајноста на песната.
„ЗАВЕТ – Од светот до изворот“
Ана и Игор Дурловски
6 декември 2026 година | 20 часот
СЦ „Јане Сандански“, Скопје



















