„Тоше, те сакаме сите“ ! Музика и ново паркче во негова чест во Ново Лисиче

114

На 16 октомври, од 16 часот, ученици, музичари и граѓани ќе се соберат на улицата „Тоше Проески“ под пораката „Добрината не престанува – таа расте“.

Со музички настапи, прошетка и отворање ново паркче, Ново Лисиче ќе му оддаде почит на Тоше Проески по повод 19-годишнината од неговото трагично загинување.

Настанот „Тоше, те сакаме сите“, во организација на ООУ „Лазо Ангеловски“, заедно со наставниците и родителите, ќе се одржи на 16 октомври 2026 година, со почеток во 16 часот, на улицата што го носи неговото име.

Програмата ќе започне со „Чекори на добрината“ – заедничка прошетка од училишниот двор, со детски пораки за љубов, пријателство и хуманост.

Потоа ќе биде свечено отворено новото хортикултурно уредено паркче во чест на Тоше. Во него се засадени девет генерациски дрвја, како симбол на поврзаноста меѓу децата и вредностите што ги промовираше пејачот.

Централната програма ќе се одржи кај фонтаната со неговиот лик на Детската улица. Училишниот хор ќе ја изведе „За овој свет“, а предвидени се и обраќања на претставници на училиштето, Општина Аеродром и родителите.

Покрај хорот и оркестарот на ООУ „Лазо Ангеловски“, ќе настапат Next Time, Ламбе Алабакоски, Филип Божиновски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, The Crew, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска.

Во програмата ќе учествуваат и Михаил Милошевски, Јосиф Коштримовски, Билјана Ивановска, Андреј Цаневски, Нела Манчевска, Лара Митевска, Бјанка Џорџиана Дуца и Агнеа Русомаровска, кои преку музика ќе му оддадат почит на Тоше и неговото творештво.

Настанот е поддржан од Општина Аеродром, ЈУ „Универзална сала“ – Скопје и агенцијата „Lions in Move“, а потпомогнат од „Местенце“, „Baking Bread“ и „Лапетит Милдфуд“.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да се придружат и преку песна и заедништво да го зачуваат споменот на Тоше и неговата порака за љубов, хуманост и добрина.