За неа, пак, иако станува збор за малечка улога, оваа можност да работи, да се запознае и да разговара со еден режисер од ваков калибар е навистина важна.

Нижење тутун на франкфуртски балкон
Сарита е родена во Франкфурт од мајка прилепчанка и татко афроамериканец од Северна Каролина. Вели дека иако во Германија живеат многу луѓе од мешани бракови, нејзината комбинација е вистинска реткост и луѓето се секогаш љубопитни да дознаат нешто повеќе за Македонија, земјата која Сарита најчесто ја спомнува како своја татковина. Пред да дојде есенва во Македонија таа била во посета на, како што ја нарекува, својата црна фамилија во Атланта и вели дека иако сите таму се физички послични со неа отколку членовите на нејзиното бело семејство во Прилеп, повеќе се чувствува како европјанка отколку како американка.
– Јас ги обожавам Американците многу, ама по менталитет поблиски ми се Македонците, па и воопшто, Балканците. Имам една сестра и двајца браќа и сите тие во моментов живеат во Америка, а јас сум единствената која толку често и со задоволство доаѓа тука. Не е дека не ја чувствувам во себе црнечката крв која ја наследив од татко ми, напротив, знам дека токму оттаму доаѓа оној енергичен дел од мојот карактер, но, сепак, мислам дека Македонците ми се многу поблиски по сензибилитетот и тука се чувствувам многу повеќе дома отколку таму, објаснува Сарита.
Во периодот додека растела често за време на распустот одела во Прилеп и се сеќава дека и било интересно нижењето тутун.
– Кога бев мала берев и еднаш ми дадоа и да нижам тутун, па кога се вратив во Франкфурт каде што тогаш живеевме, симулирав нижење тутун. Берев големи лисја во паркот кајшто живеевме и ги нижев па ги оставав на балконот да се сушат. Којзнае што си мислеа тогаш нашите соседи, се смее Сарита чии роднини во Прилеп и ден денес се занимаваат со садење тутун.
Продолжува на страна 3


















