Егзодусот на Македонците од Македонија Егејска | Оние кои не избегаа, беа изгорени со напалм

1128

И оваа година се одбележа егзодусот на Македонците во Македонија Егејска, денешна Грција, територија која многумина ја сметаат за окупирана.

Британското воено воздухопловство со авиони започна бомбардирање на цели села и населби на Македонци со напалм, што ги натера Македонците да ги напуштат своите вековни огништа.

Тешкотиите при патувањето по студено време оставија видливи траги на децата. И по доаѓањето во Битола, нашите деца силно плачеа, исто како и во текот на целиот пат. Поголемиот број од нив повраќаа, на нас – жените од носење ни се отсекоа рацете и вратот, и лрамената и имавме темни модринки по грбот и градите. Децата беа вошливи и валкани, затоа што не беа измиени цел пат, а патот беше долг над 100 километри и траеше осум дена. Очите им беа крвави, а од облека имаа само искинати работи, раскажува “мајката” Лена Сулевска.

Слично е и кажувањето на Елена Ефтова од село Турје, исто така, од Леринско, која побегнала од селото со 114 деца.

Монархофашистите со топови го бомбардираа селото. Целосно уништија шест куќи, а 34 куќи потполно изгореа. Тогаш упаднаа во селото, го ограбија и притоа истераа 500 овци, а ние сето тоа го гледавме скриени во планината. Наши борци немаше, а бесот монархофашистите го истурија тепајќи неколку затекнати граѓани во селото. При бомбардирањето на селото едно дете по име Лефтерија Донева, стара 10 години, беше погодена во градите и ранета во стомакот. Така тешко ранета, ја ставија во подрумот на куќата, додека траеше бомбардирањето. По бомбардирањето го зедовме девојчето од селото, но тоа во планината ни умре во страшни маки, и кај селото Рула ја погребавме. Мајката на ова девојченце, исто така, избега со нас, но подоцна се изгубивме и не знам каде е сега, раскажува Ефтова.

Василка Делова од Лаген побегнала со уште две жени и една девојка, водејќи 71 дете.

Додека траеја нападите на владините трупи, се криевме во рововите ископани надвор од селото. Во селото доаѓавме ноќе, по храна. Кај селото Кономлади се приклучивме на втората голема група, со која побегнавме во Југославија. И по пет месеци децата, иако се сместени во дом, не можат да се ослободат од стравот доживеан при нападот на селото и тешкотиите и маките при повлекувањето, односно бегството од воениот пекол, вели таа.

Јордана Јанчова, од село Трсје, кај Лерин, по загинувањето на нејзиниот сопруг, останала сама со петте деца. Плашејќи се дека и неа ќе ја убијат, одлучла да побегне преку границата.

Тогаш мајките од селото ми ги доверија и нивните деца за да ги спасам од стравичното бомбардирање на американските, англиските и грчките авиони, раскажува таа.

Така дојде и тој црн ден – 24 март 1948 година. Во вечерните часови почна драмата на разделба. Кај училиштето во моето село Рудари собравме околу 100 деца, поделени во групи од по 25, а на една од нив одговорна бев јас. Меѓу овие дечиња беа и моите две помали братчиња – Васил и Гоче. Ги натоваривме на запреги и тргнавме. По запрегите трчаа мајките и им ги кажуваа последните пораки на своите чеда… Сандра, запамети ја мајка… Хрисула, ќерко, немој да ми плачеш ќе се вратиме… Коста, внимавај на себе, сине, раскажува “мајка” Стоја Јанковска, која била со првата евакуација на 500 деца.

Кон полноќ стасале во Герман, а на 25 март изутрина, тргнале кон Бела Вода на југословенско-грчката граница, каде што се состанале со другите групи од селата Герман, Медово, Рабин, Штрково и цел ден се криеле од авионите. Тука ги стасале тројца водичи и им донеле погачи и сирење, последен поздрав од мајките.

Квечерината, кога веќе немаше црни ‘птици’ по небото, што цел ден безуспешно нѐ бараа, тргнавме кон границата, кон прагот на толку саканата слобода! Стасавме на една широчина, децата ги собравме во куп, ги легнавме и ги покривме со што можеме и имавме – партали, шума, гранки. Јас и некои други од групата водичи, тргнавме да ги бараме нашите граничари”, раскажува “мајка” Стоја.

Откако стасале во Долно Дупени и Љубојно, со камиони биле префрлени во Браилово каде што биле качени на воз и стасале во Скопје.

На перонот на старата железничка станица во Скопје беше приреден топол и срдечен пречек за дечињата од Егејска Македонија. Тие слегуваа од возот на куса починка, а тетките во бело, жените во Црвениот крст и од АФЖ, им даваа на дечињата бонбони, првпат во нивниот живот. Каква радост беше тоа! Малите мои не знаеја дека треба да се одвитка бонбоната од хартијата…, раскажува “мајка” Стоја и посебно нагласува дека и покрај извонредните услови за живеење и за работа, и покрај најголемата грижа што им ја давале на децата, сепак, кога тие потпораснле, плачеле и си ги барале мајките, татковците, браќата и сестрите.

Подоцна, кога била донесена одлуката да се спојат семејствата, ги баравме родителите на децата, преку амбасади или конзуларни претставништва, преку Црвен крст и преку прашување. Пишувавме писма, на многу добивавме одговори. Така почнуваше преписката на дечињата со својата мајка, татко, сестриче, братче, вели “мајка” Стоја.

За збогум, девојчињата ја испеаја најтажната песна.

Фана Мартинова, Лена Миљова, Милка Дамовска и Ксантипа Кирова од Поздивишта, Костурско, пролетта 1948 година ќе се качат на селската камбанарија и ќе ја запеат песната „Збогум мајко, збогум татко, збогум мили роднини, јас одам на далечен крај”, а нивните мајки собрани на сретсело ќе слушаат и ќе плачат.

Имавме по десетина години, бевме другачки. Најпрвин го обиколивме селото, трчавме по ливадите и, на крајот, се качиме на највисокото место за да го видиме одозгора целото село, раскажува Фана Мартиова – Буцкова, едно од триесетината илјади егејски деца кои тие години заминаа во светот и никогаш не се вратија на родните огништа.

И денес, по 60 години, таа се чуди и не може да си објасни зошто ја запеале таа песна. Кога се симнале долу, роднините ги изгушкале и ги тешеле. Фана се сеќава дека тогаш нејзината тетка ѝ рекла: “Ќе одите, ама ќе се вратите, ќе заврши оваа проклета војна. Не берете гајле, таму ќе учите”.

Секаде каде што одевме ни велеа ќе учите и ќе се вратите назад. Навистина, сите учевме и сите завршивме школи, но не се вративме. Ни кога заврши војната, ни по две, ни по десет години, ни по четириесет. Сме биле Македонци, вели грчкиот закон, а за такви немало враќање, раскажува Фана.

Наместо да се вратат дома, Фана, Лена, Милка и Ксантипа по годините поминат во детските домови во Романија и во Полска, ќе заминат на различни страни во светот. Лена ќе отиде во Торонто, Канада, Ксантипа ќе се омажи за Полјак и ќе остане во Полска, Милка ќе замине кај својот татко во Ташкент, а Фана ќе си дојде во Македонија. Ќе се сретнат повторно дури во 1988 година во Скопје на Првата средба на децата-бегалци.

Фана заедно со уште 166 деца од Поздивишта и со девет “мајки” тргнала пролетта во 1948 година. Со неа биле уште двајцата браќа – Васил, кој имал петнаесет години, и Ташко дванаесет. Вечерта пред заминување целото семејство Мартинови седнало за последен пат на прошталната софра и чекало ноќта, еден час по полноќ, клисарот да ја удри камбаната и да го означи нивното заминување.

Во семејството бевме деветмина. Три деца заминавме, а дома останаа дедо ми и баба ми, мајка ми и татко ми и двете сестри. Сите беа мобилизирани, дури и постарата сестра Кираца, иако беше леунка со мало бебе. Беше во групата која плетеше џемпери и чорапи за партизаните. Другата сестра имаше 17 години. Со другите жени пренесуваа оружје од преспанските села до Грамос и до Вичо каде што се водеа борбите. Тоа беше многу опасна работа. Сите девојки бомбите ги носеа опашани околу половината, патроните преку рамената и така со натоварени маски, коњи и магариња со оружје и муниција заминуваа по опасните планински патеки. Ако наидеа на некаква заседа, не им бегаше смртта. Мајка ми ми раскажуваше дека граната им паднала во казанот додека готвеле манџа за партизаните. За среќа, кога ги забележале авионите, се скриле подалеку од казаните, па никој не загинал. И дедо Трпо, иако стар, се вклучи во војната. А ќе пукнеше пушка за Македонија, ќе тргнеше да се бори. Од Америка се врати за Илинденското востание. Неговата парола беше автономна Македонија. Им го даде целото стадо овци на партизаните, ја раскажува Фана потресната приказна пред да тргне по патот без враќање.

Патувале само ноќе, пеш, а најмалите деца биле качени на воловски коли. Пред да ја преминат границата, застанале на една меѓа и седнале изморени од долгото одење. Таму ги пречекал учителот Лазо и им рекол: “Тука ќе се разделиме. Од утре за вас нема да има страв од авиони и бомби. Заминувате во слободна земја. Вашите родители порачуваат да учите добро и да ги слушате вашите воспитувачи и учители. Со вас испраќаме и наши учители. Тие ќе ве учат на македонски јазик, затоа што сите вие сте Македончиња и немојте да го заборавите тоа”.

Фана два дена немала склопено очи и така одејќи по патот заспала и паднала без некој да ја забележи. Така продолжила да спие сѐ додека не се сетиле дека ја нема во долгата детска колона. Во колоната ги немало ниту Данче, ниту нејзиното братче Коче. Четиригодишната Данче ја нашле како прегрнува едно дрво и плаче по мајка си, а Коче како си игра со кучето на Мартинови.

Кога ме виде кучето, се израдува како човек, ми ги стави предните нозе на рамената, а главата на градите. Боже мој, колку беше тоа тешко, раскажува Фана Мартинова – Буцкова и плаче, потресена од настанот за кој вели дека никогаш не можела да го заборави.

Таа не може да го заборави ниту малиот болежлив Нуме, кој иако бил дете, говорел како возрасен. Бил тешко болен, па четири жени го носеле во веленце. Постојано им повторувал: “Јас сум болен, оставете ме да умрам, имам уште двајца браќа, тие ќе живеат место мене”. Кога стасале во Романија, го сместиле в болница. Брзо оздравел, се школувал и станал лекар – специјалист, а неговите двајца браќа загинале во борбите како партизани на ДАГ.

Потресна била и разделбата на дедото Ламбро со неговите тројца внуци. Откако останал сам дома, ги ставил во кош, ги натоварил на коњ и им ги предал на “мајките”.

Син ми е в затвор, снаа ми беше партизанка, умре од тифус во Герман. Вие подобро ќе се грижите за нив. Каде што ќе одат сите деца, нека одат и тие, им рекол.

Откако стасале во преспанското село Долно Дупени, пред да ги распоредат по куќите каде што требало да преноќат неколку дена, ги сместиле во голема сала, легнале и сите заспале. Со камиони ги однеле во Битола, ги качиле на воз и по неколку дена стасале во Романија. Фана таму останала сѐ до 1955 година кога дошла во Скопје. Нејзиното семејство ќе ја доживее судбината на многу егејски семејства распрснати во светот, кои никогаш не се вратија на своите огништа. По завршувањето на војната, во нивната ќуќа ќе остане само нејзината баба Пена попусто чекајќи ги да се вратат.

Пред да заминеме, како деца ги цртавме нашите дланки на ѕидовите и диреците, на влезните врати. Ми кажуваше сестра ми дека баба ми наместо пред икона, се молела пред нашите дланки и постојано повторувала: ‘Војната заврши, зошто ни ги нема децата’. Дедо ми избега во Полска со брод преку Албанија, но не дочекал уште еднаш да се видат. Умрела на прагот на куќата со испружени раце во 1950 година”. Дедото од Полска заминал во Австралија кај ќерката. Живеел долго, 107 години. Во Македонија добил илинденска пензија.

По војната, мајка ѝ на Фана и помалата сестра дошле илегално во Република Македонија, лазејќи со километри. Југословенските граничари не им правеле проблеми, но затоа, пак, Грците ако ги фателе, ги стрелале на самото место. Подоцна дошол и татко ѝ, исто така, илегално. Постарата сестра не можела да замине поради малото дете и се вратила во куќата на мажот ѝ кој загинал во борбите. Неговиот татко Ване полудел и одел на боиштето, ги превртувал труповите барајќи го синот. Братот Васил, кој инаку бил меѓу 1.500 дечиња што биле мобилизирани од домовите да се борат во Граѓанската војна, го завршил животот во Полска во неразјаснети околности. Официјално се тврдело дека загинал во сообраќајка, но, најверојатно, бил убиен поради неговите промакедонски определувања.

Буцкова не може да го сфати односот на грчката влада и страшно ја боли тоа што многумина Македончиња протерани во војната, како што вели, не можат да си ги видат повторно местата каде што го поминале детството. Во својата книга “И ние сме деца на мајката земја…”, таа ќе ја пренесе интимната драма на едно дете-бегалец, сега седумдесетгодишник, на кого во сеќавањето ќе му остане една бука, каде што мајките ги прегрнувале за последен пат своите рожби. “Дали таа бука сѐ уште стои таму?”, ќе ја праша. “Не знам, никогаш не се вратив таму. На границата повеќепати грчките граничари ми велеа: ‘Не може, ти не си Грк по род за да влезеш во земјата’! Ниту мајка ми не ја видов. Загина на Вичо, копајќи ровови”, ќе ѝ се исповеда тој. Неговата мајка била една од деветте жени од Костурско кои биле заробени од грчките војници, убиени и фрлени во траповите. Буцкова заврши литература, а потоа стана доктор по историја.

Стравот од авионите ги следеше и во новите татковини

“Граѓанската војна остави свои траги врз групата на нашите воспитаници. Кога се слушаше брмчење на авион, реакцијата на децата беше стереотипна. Ги собираа своите бовчи и, плачејќи, пискајќи и лелекајќи, се криеја под креветите. Кога забележуваа трактор, најпрвин беа вчудовидени, а потоа бегаа плачејќи. Ноќе, додека спиеја, децата беа прогонувани од халуцинации. Содржината на тие халуцинации беа фашистите со автомати и со ножеви в заби, кои се качуваат по скали и низ прозорците влегуваат во нивните спални, ги газат нивните бовчи и нив самите. По цели групи деца бегаа од спалните, ноќе ги напуштаа своите кревети, се подготвуваа за бегање и чекаа наредба – кога да заминат”.

Овие зборови ќе ги забележи директорот на Државниот воспитен центар во Лондек – Здруј магистер Вацлав Копчињски за драмата на децата-бегалци во првите месеци по пристигнувањето во Полска. Извештајот што ќе го подготви тој е објавен деновиве на македонски и на полски јазик заедно со другите документи за бегалците во оваа држава. Документите заеднички ги објавија Државниот архив на Македонија и Дирекцијата на државните архиви – Полска. Нив ги подготви д-р Петре Наковски, кој вели дека Македонците од Егејскиот дел на Македонија, обесправени во сопствената татковина, во Полска добиле наполна почит со сите атрибути на човековото постоење.

Копчињски вели дека децата биле во постојана психичка вкочанетост, од која ги оттргнувала само бучавата на трактор, брмчењето на авион или некоја друга појава. “Тоа беше група што личеше на затвореници испратени на заточение. Се добиваше впечаток дека децата биле специјално така подготвени. Затворени во себе и во своите бовчи. Размислуваа слично и имаа нервозни, некоординирани реакции, беа слични на автомати”, го слика заедничкиот портрет на малите дечиња оттргнати од своите родители и однесени во друга земја.

Полскиот педагог подвлекува дека целата група воспитаници, заедно со постариот македонски персонал, психички била оштетена и во почетокот непријателски расположена. “Фобиите, колективните халуцинации, општата недоверба, сомневањата и сличните реакции ни зборуваа дека таа група многу претрпела, била откината од рацете на смртта, била спасена, но се плаши од новото, не е сигурна за утрешниот ден, страшното минато ја наведува на уште помрачна иднина”, заклучува Копчињски, кој заедно со својот персонал ќе вложува огромни напори да ја нормализира психичката состојба на децата.

Во новата средина најпрво се приспособила грчко-македонската управа, заедно со учителките, и го променила својот однос спрема нив. Тоа се случило одеднаш, еден месец по прифаќањето на децата. “Од недоверба и сомневање, Румељотис со Олга Поповска и учителките преминаа на отворена искреност, на искажување задоволство и благодарност. Лушпата на повоените остатоци кај децата од училишна возраст постепено почна да пука. Се отворија нивните срца”, ќе подвлече полскиот педагог очигледно решен да им ги намали траумите од војната на 3.590 деца.

Според него, доследниот, одлучен, но благ и толерантен однос на воспитувачите, токму со помошта на грчко-македонската управа, ги отстранила остатоците од сомневањето и недовербата. Заедно со управата психички оздравеле и децата. “И понатаму остануваше да се совлада групата од постари Македонки (таканаречени мајки). Какви што биле, такви останаа. Во Центарот сеат песимизам. Небаре работат, но нивните мисли скитаат по планините на Македонија. Тие ги парализираат нашите воспитни напори”, ќе се пожали Вацлав Копчињски. Тој вели дека доколку групата “мајки” стојат понастрана од воспитаниците, децата побрзо ќе се приспособат на новата средина. “Желни за учење, сакаат да работат, сакаат меѓу себе да се натпреваруваат, сакаат да му помогнат на полското население, сакаат да бидат нормални и здрави луѓе… Нашите воспитаници, во основа, не се разликуваат од полските деца од селско потекло. Тоа се бистри деца, смели, умеат да ги образложат своите барања и да ги бранат своите права”, ќе констатира полскиот педагог.

Д-р Петре Наковски, кој повеќе години трагаше по документите за бегалците во Полска, вели дека секое новодојдено време носи нови сознанија, нови ставови и оцени, но трајно останува она што е запишано. “Запишано е, а ние само го повторуваме, и тоа само затоа за подобро да се запамети дека во тоа време, додека едни настојуваа да ги бришат македонските имиња и презимиња, да ги бришат поимите Македонец, македонски и сѐ што беше поврзано со Македонија, други – Полјаците, во услови на тоталитарен систем, не само што настојуваа туку и упорно ги бранеа македонското име, македонското презиме, македонскиот јазик, македонското слово, писмо, песна, оро, обичај”, подвлекува Наковски.

Д-р Наковски, кој инаку е дете-бегалец во Полска, нагласува дека заедно со поразените единици на ДАГ, во Албанија се повлекло неколкуилјадно цивилно население.

Извор: Австралиско-македонски неделник
Автор: Виктор Цветановски