Точно е дека во евангелските текстови не се спомнува часот на Христовото воскресение, но се даваат одредени временски ориентири. На пример, за жените мироноцици се вели дека „во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето“ (Марко 16,2). Во Евангелието според Матеј пишува: „Кога измина саботата, на осамнување“ (Матеј 28,1). А Лука запишал: „Многу рано тие дојдоа на гробот“ (Лука 24,1). И најпосле, Јован, којшто последен го напишал Евангелието и ги прочитал претходните, запишал: „уште дури беше темно“ (Јован 20,1). Но, никој не вели: на полноќ. Можно е целото време од полноќ до 3-4 часот наутро, пред да зазори. Така е. Временска точност нема. Тогаш што нè води кон полноќта? Еве што. Прво, сигурно е дека тоа не се случило денски. Ова е јасно, бидејќи жените мироносици пошле „уште во темно“, а Христовото тело веќе не било во гробот и ангелот Божји што стоел кај влезниот камен рекол: Христос воскресе. За моментот на Христовото воскресение не е напишано, но за доаѓањето на ангелот Божји којшто ги пречекал жените мироносици кај празниот гроб се вели: „Стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото…, а стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви “ (Матеј 28,2-4). Ним им е допуштено да го видат само ангелот и тоа во неопислив страв и трепет, а не и воскресението. Тоа и не можеле да го видат, не само тие, туку и никој со човечко око. Дури и најизбраните тројца апостоли: Петар, Јаков и Јован, кои ги зел Христос со Себе на Преображението, биле заслепени од Божјата светлина и ничкосани до земја, не можеле да видат ништо, а не стражарите. И, сепак, тоа било само Неговото преображение, а не Воскресението. Кој можел да ја поднесе таа светлина? Стражарите одвај го издржале јавувањето на ангелот Божји, а не… Потоа, во страв избегале и право отрчале кај првосвештениците да им кажат. Кога дошле жените, нив веќе ги немало таму. Сето ова траело некое време. Изминале неколку часа. В зори веќе било сè готово. Значи, настанот се случил порано, а можело и на полноќ, но сигурно не пред полноќ, вели светата Црква. Не пред полноќ, затоа што рекол Христос дека ќе остане во срцето на земјата, како што беше Јона во утробата на китот три дни (Матеј 12,40; Јона 3,5 сп. Матеј 26,61; 27,40; Јован 2,19). Бројот три има симболика на потполност, целина и довршеност. Народите на Исток, па и Евреите, верувале дека душата на покојниот два дена останува во близина на телото, а во третиот ден заминува. Тоа е уште еден доказ дека Он бил мртов и душата си заминала од кај телото. Не било тоа клиничка смрт или времена несвесност, туку вистинска смрт и умирање, вистинско погребение на мртвото тело и висинско воскресение.
Продолжува на страна 5


















