Kако се пресметува датумот за Велигден?

2813

Христијаните на Исток, во Азија: Ерусалимската, Антиохиската и Александриската црква го празнувале Велигден во исто време и на ист датум, но другите не. Тоа бил датумот на Старозаветната Пасха. Велигден се празнувал секогаш на 14 ден од првиот пролетен месец, без разлика во кој ден од седмицата ќе се падне тој датум. Значи, Велигден можело да падне и во петок и во вторник… А, уште повеќе што тоа било истовремено празнување на Велигден со Јудејската Пасха.

Христијаните, пак, во Европа велеле дека е неприлично да го славиме нашиот најголем празник Велигден, заедно со најголемиот празник на Евреите – Пасха. Затоа, се определиле да го слават Велигден секогаш во неделниот ден по првата пролетна полна месечина. Тоа значело дека Велигден ќе биде секогаш во недела. Зошто во недела? Затоа што во тој ден Христос воскреснал. Воскреснал во недела и треба да се празнува во недела.

Поделбата започнала. Настанале спорови, расправии, кавги, непријателства и прекари, именувања едни кон други: едните ги викале „кватродецими“, на латински, што значи „четиринаестодневници“, другите „доминикани“ – „неделници“. Значи, календарското неединство е од дамнина. Не е нешто ново и нешто што ни се случува нам, сега, туку постоело со векови.

Овие две различни празнувања на Велигден постоеле во првите три века, па дури на Првиот вселенски собор, во 325 година, било поставено и решавано прашањето за едно и заедничко празнување на Велигден за сите христијани. Соборот донел одлука: Велигден да се празнува насекаде во првата недела по Пасхалната полна месечина. Тоа, веднаш значело дека Велигден ќе биде секогаш по јудејската Пасха. Не треба да биде заедно со неа.

Значи, Соборот ги определил: Денот – недела; периодот – пролет; денски, сонцев знак – пролетната рамнодневница; ноќен, месечев знак – полна месечина, првата полна месечина во пролетта, по пролетната рамнодневница; споредбен празник – Пасха јудејска, секогаш во неделата по неа, но никогаш со неа, ни пред неа. Таа е старозаветна, а Велигден новозаветен. Таа претходи, а Велигден следи. Тој е Новата Пасха.

Продолжува на страна 3