Сета наша вера во вечноживиот Бог се потпира врз најголемиот настан во историјата – врз Христовото воскресение!
Оти, ако Христос не воскреснеше, напразна ќе беше нашата проповед и празна ќе беше нашата вера. Но, Тој навистина воскресна и со тоа на човековиот род му го покажа патот кон вечноста. И само Христовата жртва можеше да ни го дари Царството небесно! Имено, пред доаѓањето, стрдањето и Воскресението на Господа, човековиот род беше неутешно заробен во оковите на смртта. Таа, како најсуров противник, ја држеше човековата природа лишена од надежта за вечен живот. Тиранијата на смртта, како последица на прародителската непослушност кон Бога, земаше силен замав преку ширењето на себељубието, неправдата и лагата, односно преку сите гревовни страсти што го осакатуваат човековото битие.
Кога гревот, кој е беззаконие, ќе ја зароби душата, тогаш различните негови пројави стануваат цел на животот. И така, со страв од смртта, без надеж за нејзино надминување, човековиот род беше заробен во темнината на сите зла. Па, при неможноста да Го спознаат единствениот и вистински Спасител, луќето „ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на создаденото повеќе, отколку на Создателот“. Така, човековата душа беше станала плен на бесмислата, произлезена од оддалечувањето од единствената смисла, од вистинскиот и неисцрпен Извор на животот – Творецот и Седржителот на сето видливо и невидливо создание.
И само Оној, кој го дарува животот, можеше да го ослободи човекот од ропството на гревот и да му го покаже излезот од власта на смртта. Затоа Бог ја прими на Себе човековата природа, неразделно соеднитета со Божјата. Тој дојде во светот како Богочовек, и се даде Себеси, умирајќи за нашите гревови, и со Својот спасоносен подвиг и со Своето воскресение, на човекот му го осветли патот кон полнотата на животот, дарувајќи му ја единствената вистинска слобода. Воскреснатиот Син Божји ја извојува победата за сиот човеков род, како победа на светлината над темнината, на вистината над лагата, на правдата над неправдата и на животот над смртта!
Христовиот живоносен гроб се покажа како извор на нашето воскресение. Тој неповторлив настан е најава и потврда за сеопштото воскресение, „бидејќи знаеме дека Оној Кој Го воскресна Господода Исуса и нас ќе не воскресне“. Со тој настан секому му е дадена можност во своето срце да го всели Христа, па, преку Него и со Него, да биде достоен учесник во вечниот живот. Така, Бог, како наш Создател, ја положил во нас вечноста, до која можеме да стигнеме само преку Христа, и тоа уште овде – на Земјава. Ако Го возљубиме Бога и ги љубиме луѓето, преку исполнување на евангелските пораки, тогаш ќе бидеме подготвени за сеопштото воскресение.
Христос Воскресе!
Дел од велигденското послание
на поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија,
Неговото Блаженство,
Архиепископ Охридски и Македонски,
и на Јустинијана Прва
г. г. Стефан
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.