Смртоносна игра на политичарите со несогледливи последици | Милиони мртви, глад и пустош на Земјата

900

Земјата никогаш повеќе нема да биде иста!

Откако нуклеарната бомба била изградена, тестирана и користена за време на Втората светска војна, светот се плаши од потенцијален нов, поголем, нуклеарен конфликт.

Овој страв бил особено изразен за време на „студената војна“ меѓу САД и СССР, а често се повторува кога некој ќе ја повлече картата на нуклеарното оружје за време на конфликт.

А стравот, сакале да признаеме или не, е оправдан. Имено, се проценува дека во светот има повеќе од 12.500 нуклеарни боеви глави. Лансирањето дури и на една може да доведе до смрт на илјадници луѓе и еколошки последици кои ќе траат со години.

Уште во 1982 година, атмосферските научници Paul Crutzen и John Birks истражувале колку овие последици можат да бидат сериозни. Во нивниот краток научен труд, двајцата сугерирале дека нуклеарната војна може да произведе толку голем облак од чад што може да доведе до нуклеарна зима, односно колапс на земјоделството, а потоа и на цивилизацијата каква што ја знаеме. Само една година подоцна, научниците од САД и СССР ги потврдиле теориите на Crutzen и Birks.

Современите климатски модели, кои се нешто попрецизни и пософистицирани од оние што ги користеле Crutzen и Birks, покажуваат дека злобното пророштво што тие го претставиле во нивниот труд било прилично – благо.

Лабораторијата за наука и глобална безбедност на Princeton University создала симулација пред неколку години за веројатна ескалација на војната меѓу САД и Русија користејќи реални позиции, цели и проценки на жртвите на нуклеарните сили.

Се проценува дека во првите неколку часа од конфликтот би имало повеќе од 90 милиони мртви и повредени. Колку уште би умреле од последици на ранување, глад и нуклеарни врнежи, воопшто е тешко да се процени. Но, 4-минутната симулација, иако изгледа како видео игра, сликовито покажува колку брзо работите би можеле да ескалираат.

Научниците за животна средина предводени од Alan Robock од Rutgers University, во неодамна објавениот труд, предупредиле дека научните проценки за последиците од нуклеарната војна веројатно помогнале да се запре Студената војна, но дека новите климатски модели, кои ги земаат предвид климатските промени, сугерираат дека нуклеарната војна би била катастрофален потег.

Имено, кога во моделите вовеле потенцијален нуклеарен конфликт меѓу САД и Русија, резултатите биле неверојатни. Светските океани би се изладиле толку многу што светот би бил турнат во „мало ледено доба“ кое би можело да трае илјадници години. Дури и мал конфликт помеѓу, на пример, Индија и Пакистан, би резултирал со повеќе од 130 милиони смртни случаи и дополнителни 2,5 милијарди луѓе кои би останале без храна најмалку две години.

Професорот од UCL University, Mark Maslin, предупредува дека заканата од нуклеарно оружје, вклучувајќи ја и нивната ограничена употреба, треба да се сфати сериозно. Научниците треба да се посветат на проучување на потенцијалните последици во случај на детонација на нуклеарно оружје, за властите да разберат дека негативните последици од употребата на таквото оружје ќе ги почувствуваат сите – и оние против кои се користи и оние кои го користат.

Заканата од нуклеарна војна не исчезнала, а нуклеарното ледено доба што би го збришало животот на Земјата во следните неколку илјади години е сè уште реална можност, предупреди Maslin во написот објавен на The Conversation.