Велики Петок

971

Пред жртвениот подвиг на Голгота, Спасителот бил во неискажливи маки во Гетсиманија.

Таму жалел со жалостите и умирал со смртта на сите луѓе, молејќи Му се на Отецот, и тоа пред Своите тројца најверни ученици: Петар, Јаков и Јован.

Христовото тагување и страдање во Гетсиманија е израз на човечката природа во Богочовекот. Неизмерни биле Христовите страдања во Гетсиманија, бидејќи неизмерна била и грешноста на луѓето, која Он ја зел врз Себе и Му предизвикала големи болки. Големи биле Неговите гетсимански маки, бидејќи во Него и преку Него плачела и барала спасение целата човечка природа. Дека Спасителот во Гетсиманија многу пострадал заради гревот на сиот човечки род и тоа со страданија какви што не страдал никој, сведочи и евангелскиот опис дека „потта Му била како капки крв“.

Јуда излегол од Тајната вечера, се откажал од Христа и од апостолството и отишол да Го предаде својот Учител. Штом дознал каде ќе ја поминат ноќта, веднаш заминал, за да им каже на оние што сакале да Го фатат Исуса. Кај нив почекал некое време, додека дојдат Христос и апостолите на договореното место, а можеби чекал и да настапи длабока ноќ, кога апостолите би заспале и не би можеле да дадат отпор. Тој со себе повел и многу народ со мечеви и стапови, испратени од првосвештениците и книжниците.

Значи, со него била една вооружена чета, од таканаречената полиција на храмот, која ја сочинувале одредени помошници во храмот: млади свештеници и штитеници на јудејските старешини и книжници.

Се погрижил и за тоа, да не се случи недоразбирање и да не фатат погрешен човек, во ноќната темнина. Затоа, договорено било жртвата да им ја покаже со целив и со поздрав на својот Учител, велејќи Му „Радувај се, Рави“. Тоа бил вообичаен однос и поздрав меѓу учениците и Учителот.

По сета мешаница и апсењето, исплашени од случајот во Гетсиманија и збунети затоа што Господ Исус Христос не дал отпор, апостолите се разбегале. Помислиле дека може и тие да бидат фатени и измачувани, та, ако Го фатиле и не можел да се одбрани Оној Кој направил толку многу чуда пред нивните очи, тогаш како би се одбраниле тие. Ова претставува и голема болка за Господа Исуса Христа, зашто Он никогаш не ги оставил Своите апостоли кога биле во опасност, а тие Него – Го напуштиле.

Судењето се случувало во Синедрионот. Синедрионот бил Собранието на Евреите, а истовремено претставувал конечен, Врховен суд, кој решавал за најтешки обвиненија, како што се: идолопоклонство, престап против израилскиот народ, лажно пророштво, навреда на првосвештениците…

Собранието го сочинувале седумдесет и еден член и тоа: првосвештеници, старешини и книжници, односно, видни луѓе.

Судскиот процес во Синедрионот бил јавен и усмен, а за доказ на обвиненијата биле повикувани и 2-3 сведоци. Исто така, се користела и заклетвата како форма на доказ. Обвинетиот немал право на свој бранител. Ако, пак, обвинетиот сам ја признаел вината, тоа не било доволно за да биде прогласен за виновен, туку се барале и сведоци. Не се судело во сабота и во празнични денови. Судскиот процес морал да почне денски и да заврши додека има дневна светлина. Ако обвинетиот бил прогласен за невин, тогаш одлуката на судот била веднаш соопштувана, а ако за обвинетиот била изречена смртна казна, тогаш таа одлука морала да се преиспита уште еднаш во наредниот ден, па дури тогаш да се донесе конечната одлука.

Синедрионот правел сè за да Го осуди Христа. Тие, иако уште порано веќе имале одлучено дека Исуса треба да Го убијат, според, за нив, доволни прекршоци и причини, сепак, имале потреба од судско обвинение и судска постапка, преку која ќе се оправда порано изречената смрт за Него. Кога синедрионците Го осудиле Христа на смрт, иако според судската практика и правило, требало таа пресуда да биде уште еднаш потврдена, тие веднаш им дозволиле на нивните слуги да се однесуваат кон Него како кон осуденик на смрт и да Го удираат.

Потоа следат најстрашните настани; откако римскиот управник Пилат ја добил одлуката на јудејскиот Синедрион дека Исус од Назарет е осуден на смрт, тој само ја потврдил смртната пресуда и Го испратил Спасителот кон Голгота – местото за извршување на смртните казни. Откако Му бил ставен трнов венец на главата и навален тежок крст на рамената, Господ Исус Христос оди кон местото на распнување. Одејќи кон Голгота, од истиот народ, кој пред само неколку дена торжествено го проследил Неговото влегување во Ерусалим, на овој ден, добил плукање, пцости и удирање.

Спасителот е распнат помеѓу двајца разбојници, но и во смртниот час извикува: „Оче прости им, оти не знаат што прават.“

Покрај крстот останала само Неговата мајка, Пресветата Дева Марија, со апостолот Јован и Марија Магдалена, и сите скаменети од болка ги следеле Неговите страдања. Праведниот Јосиф од Ариматеја, откако виделе дека умрел, го замолил Пилата да го земе Неговото тело и да го положи во нов гроб. На гробот била поставена римска стража, заради страв дека некои од следбениците можат да го украдат телото.

Автор Жагор

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.