Омега-3 масните киселини кои се наоѓаат во растителната храна не ја нудат истата заштита.
Сите оние чија исхрана вклучува повеќе морски плодови веројатно се изложени на помал ризик од развој на хронични проблеми со бубрезите, покажува новото научно истражување.
Истражувањето покажа дека потрошувачката на омега-3 масни киселини од морска храна може да биде поврзана со умерено помал ризик од развој на хронични бубрежни заболувања и со побавно влошување на функцијата на бубрезите.
Интересно е што резултатите од студијата, објавени во The British Medical Journal, исто така укажуваат дека омега-3 масните киселини кои се наоѓаат во растителната храна не нудат еднаква заштита.
Експертите од австралискиот институт George за глобално здравје и Универзитетот во New South Wales велат дека нивните најнови откритија сугерираат дека луѓето треба да вклучат морска храна во нивната исхрана доколку можат.
Научниците ги анализирале резултатите од претходните студии. Врз основа на биомаркерите, тие откриле колку омега-3 масни киселини консумирале поединци.
Тие испитале информации за 25.570 учесници во истражувањето од 19 претходно спроведени студии.
Севкупно, во текот на приближно 11 години следење на нивната здравствена состојба, 4.944 од нив, или околу 19 проценти, развиле хронична бубрежна болест.
Истражувачите откриле 13 отсто помал ризик од развој на хронична бубрежна болест кај групата субјекти кои консумирале најголеми количини на омега-3 полинезаситени масни киселини (n-3 PUFA), во споредба со оние кои консумирале најмалку.
Интересно е, велат истражувачите, дека не е пронајдено позитивно влијание помеѓу потрошувачката на омега-3 масни киселини од растителна основа, кои може да се најдат во јаткастите плодови, семките и зелениот лиснат зеленчук и болестите на бубрезите.
Повисоките нивоа на n-3 PUFA добиени од морска храна се поврзани од страна на научниците со помал ризик од развој на бубрежни заболувања, иако немало таква врска во случај на внесување на n-3 PUFA од растително потекло во телото, напишаа авторите.
Нашите резултати го поддржуваат фактот дека омега-3 полинезаситените масни киселини од морската храна играат важна улога во спречувањето на развојот на хронични бубрежни заболувања, заклучуваат тие.