Покрај финалистите, во најдобрите единаесет се најде и еден играч на Челзи, Пари Сен Жермен и Манчестер Сити.
Напаѓачот на Реал Мадрид, Карим Бензема е избран за најдобар играч на штотуку завршената сезона во Лигата на шампионите, соопшти УЕФА.
Францускиот репрезентативец по петти пат во кариерата го крена трофејот на најелитното клупско натпреварување, со победата од 1-0 во финалето против Ливерпул, во саботата на стадионот „Франс“ во Париз.
Најдобриот стрелец на новиот европски шампион сезонава во Лигата на шампионите постигна 15 гола на 12 натпревари, со што е главен кандидат за освојување на Златната топка.
За најдобар млад играч во Лигата на шампионите е избран неговиот соиграч Винисиус Јуниор, херојот од триумфот над Ливерпул во финалето, кој го постигна и решавачкиот гол.
Бразилецот постигна четири гола во дресот на Мадрид, а шест пати беше асистент.
Во исто време, Европската фудбалска унија го избра најдобриот тим во сезоната.
Од победничкиот тим се: голманот Тибо Куртоа, Лука Модриќ и веќе споменатите Винисиус и Бензема.
Што се однесува до финалистите, кај Ливерпул се избрани Трент Александер-Арнолд, Вирџил Ван Дајк, Ендрју Робертсон и Фабињо.
По еден претставник дадоа Челзи (Рудигер), Манчестер Сити (Кевин де Бруин) и Пари Сен Жермен (Килијан Мбапе).