Научниците го издвоија генот одговорен за седите влакна, откритие што би можело да помогне во одложување или спречување на овој засега природен начин на стареење.
Со фарбањето на косата може да се покријат седите влакна, но со манипулација на гените ќе може, во иднина, целосно да се искоренат.
Меѓународен тим научници собираа ДНК примероци од над 6.000 доброволци со различно потекло од Европа, Африка и од домородното население во Северна Америка.
Генот ИРФ4 го регулира природниот пигмент на косата, кожата и очите наречен меланин.
Се наоѓа на шестиот хромозом и иако најверојатно не е единствениот ген одговорен за побелувањето на косата, нуди нов извор на истражување.
Главниот водач на истражувањето, доктор Каустуб Адикари од Универзитетскиот колеџ на Лондон рече:
– Веќе знаевме за неколку гени одговорни за ќелавоста и за бојата на косата, но сега за прв пат најдовме ген одговорен за побелувањето кај луѓето, како и други гени одговорни за формата и густината на влакното.
Влакното ја добива бојата од пигменти што ги произведуваат меланоцитите што се наоѓаат во фоликулата на влакното. Како старееме меланоцитите престануваат да произведуваат пигменти и косата ја губи природнатта боја и побелува.
Експертите сметаат дека врз побелувањето влијаат многу фактори, генетски и од животната средина. Покрај генот за побелувањето, научниците открија и ген поврзан со густината на брадата и веѓите и генот за споени веѓи.