Слика што ја крие најубавата љубовна приказна

238

Сликата „Љубовници“ на Марк Шагал, која неодамна се продаде на аукција во Њујорк за 28,5 милиони долари, открива една убава љубовна приказна. На сликата од 1928 година се претставени Марк и неговата прва сопруга Бела Шагал. Достигнувајќи ја оваа цена, Шагаловата ода на љубовта стана негова најскапо продадена слика досега.

– Бела му беше прва љубов, голема инспирација, негов водич, негова муза… Му овозможуваше да сонува и да слика. Беше тоа една прекрасна љубовна приказна меѓу нив двајца – вели Бела Маер, внука на Марк и на Бела, во промотивното видео на аукциската куќа „Сотби“.

Бела Шагал умрела пред да ѝ се роди внуката, но Марк често говорел за неа.

– Ѝ се восхитуваше толку многу што не може да се опише со зборови. Таа имаше визија и ја следеше, а таа визија се однесуваше на разбирање на работата на Марк – истакна Бела Маер.

На сликата „Љубовници“ Марк е во прегратката на Бела, потпрен на нејзиното рамо, додека Бела е прикажана како негова сила, утеха и поддршка.

– Тоа може да се види на многу слики на кои ја славел нивната љубов. Таа секогаш има отворени очи, таа гледа кон иднината, таа е неговиот водич – констатира Бела Маер.

Марк Захарович Шагал (1887-1985 г.) бил руско-француски уметник, со белоруско-еврејско потекло. Роден е во еврејско семејство како Моише Шагал во Лјозни, кај Витебск, во денешна Белорусија. Татко му работел кај трговец со харинги, а мајка му продавала продукти од дома.

Шагал основното образование го стекнал во локалната еврејска верска школа, а потоа успеал да биде примен во руското средно училиште. Кога забележал како некој од учениците црта, тоа за него било откровение, визија, нешто што никогаш порано не го видел. Ученикот му рекол да најде некоја книга со слики и да ги копира. Решил да стане уметник и во 1906 година се запишал во ателјето на Јехуда Јури Пен, уметник на реализмот. Меѓутоа, по неколку месеци Шагал сфатил дека академското портретно сликарство не е за него. Заминал за Санкт Петербург и меѓу 1908 и 1910 година учел кај Леон Бакст, еврејски уметник, кој бил и костимограф во рускиот балет. Шагал повремено се враќал во Витебск, каде што ја запознал Бела Розенфелд. Во книгата „Мојот живот“ вака е опишана нивната прва средба: „Нејзината тишина е моја, нејзините очи се мои. Како сѐ да знае за моето детство, мојата сегашност и иднина, како да може да види низ мене.“

Се венчале во 1915 година и се преселиле во Санкт Петербург, а следната година ја добиле ќерката Ида. Марк во меѓувреме, пред Првата светска војна, патувал меѓу Санкт Петербург, Париз и Берлин. Воените години ги минале во Витебск, каде што Марк станал еден од најистакнатите уметници на авангардната заедница во Белорусија. Со Бела во 1922 година емигрирал во Литванија, па во Германија, а во 1923 година се преселиле во Париз.

– Марк бил воодушевен од Париз и од светлата на овој град, го сметал за свој уметнички дом. Тоа бил прв и можеби единствен пат кога Бела и тој имале моменти на мир, кога времето го минувале со други уметници – раскажува нивната внука.
Таа деценија Марк Шагал почнал да работи со галеристот Амброаз Волар и првпат стекнал комерцијална публика, но и пофалби од критиката. Помладите колеги го гледале со почит.
– Надреалистите го повикале да им се приклучи на нивниот круг, но тој не можел да им се приспособи. Морал да го следи своето срце – напоменува Бела.

Шагал на своите слики често ги испреплетувал сонот и јавето. На сликата „Љубовници“ се гледа полна месечина, двајцата дејствуваат како да лебдат, сѐ е како некој сон, а всушност реалност – вели нивната внука.

Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!

Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.