По трагите на една песна | “Се посврши Сербез Донка” | Фото/Видео

582
Милан и Донка со семејството

Во народните македонски песни секогаш е опеан некој настан или личност во минатото. Па така и во елегичната песна „Се посврши Сербез Донка“ (сербез значи своеглава, храбра, слободна) се зборува за еден вистински настан, поточно за најубавата велешанка во минатиот век, Донка Јаричкова. (моја забелешка)

Донка Јаричкова живеела во месноста Мегдан. Таа била девојка по која многуте ергени од градот воздивнувале. Кога слегувала во чаршијата мајсторите и чираците, престанувале со работа а таа знаејќи дека многумина ја гледаат гордо со исправена става ќе прошетала, не погледнувајќи во никого.

Меѓу ергените што ја сакале бил и кондураџиајта Миле Ивчев, кој иако не бил многу при пара, бил убав. Меѓу Донка и Миле се родила љубов, за која веќе дознала велешката чаршија. Разбрал и таткото на Донка, Пецко, кој не сакал да има зет чевлар, па решил да ја омажи за некој богат и имотен. За ќерката убавица нашол младоженец од Башино Село, кој имал лозја и многу земја.

Без знаење на Донка се било завршено, дури и прстен се дал а веста за свршувачката, како гром ја погодил убавицата. Таа не сакала да се спротивстави на строгиот и избувлив татко, но љубовта кон кондураџијата Миле била голема. Енергична и смела, таа не сакал да слушне за договорот, за дадениот збор, за срамот што ќе пукне ако не ја исполни желбата на домашните. Дури и забраниле да излегува од дома, за да не се гледа со Миле.

Дошол денот на свршувачката, дошло момчето со другарите, со подароци и свежо уловена вардарска риба. На чардакот биле другарките на Донка, која дома ја пржела рибата и тагувала, но не се помирувала со судбината. Таа во еден момент ја повикала другарка и и побарала да го оди кај Миле и тој дојде тука.

И како во американските љубовни драми, Миле побрзал со другарите, кои го поткачиле преку ѕидот, тој влегол во собата на Донка. Двајцата млади се погледнале и било јасно дека тие се наменети еден за друг, по што храбро и смело за тоа време ја покажуваат нивната љубов. Набрзина исчезнуваат преку прозор и го заодуваат натамошниот заеднички живот. Пукнал голем срам па татко и на Донка, Пецо не сакал да им прости.

Во 1903-тата им се раѓа синот Јованче. Стариот Пецо не сака да слушне за внукот и ќерката. Следната година на Прочка, Донка, Миле и Јованче дошле кај Пецо, но тој понуденото чоканче со ракија го скршил на подот. Прошка не им дал. Тие излегле, за да по некое време се вратат. И повторно иста слика, двете понудени чоканчиња ракија од зетот и ќерката, завршиле скршени од Пецо. Третата понуда било бардаче кое исто е скршено. Миле извадил од појас бакарно ѓумче а во пазувите на Пецо завршил внукот Јованче. Пецо сега е скршен, беспомошен, вели „не се крши ѓумче а уште помалку внук“ и така им простува на Донка и Миле.

Во следните години семејството се зголемува со Веса, Борис, Славе и Богде. Од најмладиот син Богде Ивчев историјата на песната „Се посврши сербез Донка“ е раскажана на Никифор Смилевски, кој ја објавува во книгата „Песната и коренот“.

Петар Печков

„Се посврши Сербез Донка“

Се посврши сербез Донка
Се посврши сербез Донка x2
тра, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла
сербез Донка на Јаричкови. x2
Се собрале комшиите x2
тра, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла
комшиите, другарките. x2
Аирлија, сербес Донке x2
тра, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла
аирлија свршувачката. x2
Не викајте аирлија x2
тра, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла
тук\’ речете на мајка ми. x2
Што ме даде на далеку x2
тра, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла, ла
на далеку, преку Вардар. x2