Овој феномен ги спасувал луѓето во минатото, но денес предизвикува физички и психолошки проблеми

1729

1. Гастроинтестинален тракт

Стресот може да резултира со пречки во варењето, дури и од храна која вообичаено добро ја поднесуваме и „ова прави многу луѓе склони кон дијареја“, открива психијатарот и научник за стрес д-р Mazda Adli, главен лекар во берлинската Fliedner Clinic и шеф на Department for Research on Affective Disorders at Charité University Hospital.

Хроничниот стрес може да ги направи цревата слаби, да го намали апетитот, да доведе до горушица или уште полошо, синдром на нервозно дебело црево, вели Adli.

2. Кардиоваскуларен систем

Акутниот стрес ги зголемува отчукувањата на срцето и крвниот притисок, а хроничниот стрес може да доведе до здравствени состојби како што е хронично висок крвен притисок.

Можни се и срцеви аритмии, предупредува Adli.

Хроничниот стрес е фактор и за срцев и мозочен удар, а ризикот се зголемува со нездравите навики по кои посегнуваме, како што е пушењето.

3. Мускулатура

Стресот може да резултира со мускулна тензија. Мускулите на вратот може да се затегнат до тој степен што го отежнуваат движењето на вратот и главата, а се појавуваат и болки во грбот.

Сето ова потенцијално доведува до нерамномерна распределба на тежината во мускулно-скелетниот систем со болни последици како лумбаго или хернија на интервертебралните дискови.

4. Метаболизам

Се смета дека стресот е можна причина за метаболички нарушувања како што се дијабетес тип 2 и висок холестерол.

Чувствувајќи закана, телото под стрес става повеќе енергетски резерви, и шеќер и маснотии, во функција, објаснува Adli. Во исто време, хормоните на стрес промовираат отпорност на инсулин, зголемувајќи го нивото на шеќер во крвта.

Освен тоа, хормонот на стрес кортизол предизвикува телото постојано да ги надополнува резервите на шеќер и масти, што може да резултира со ставање на располагање повеќе енергија отколку што му е потребно.

Дополнителните шеќери и маснотии можат да придонесат за акумулација на штетни масти во стомакот, да го ограничат протокот на крв, да ги напрегаат крвните садови и да предизвикаат метаболички нарушувања.

5. Ментално здравје

Мозокот, а со тоа и психата, е многу чувствителен на хроничен стрес, вели Adli. Постојаната состојба на будност доведува до ментални болести, а најпознатата ментална компликација на стресот е депресијата, предупредува Adli.

Покрај тоа, зголеменото ослободување на кортизол во крвотокот може да има негативно влијание врз концентрацијата, а постојаниот стрес може да предизвика проблеми со меморијата. Бидејќи стресот обично е придружен со анксиозност, тој исто така може да предизвика анксиозност и напади на паника на долг рок.

Како да си помогнете?

Значи, ако мислите дека сте хронично под стрес, треба да промените нешто. Добар почеток е да правите редовни паузи за одмор во текот на денот. Тие треба да вклучуваат кратки вежби за свесност, како што е фокусирање на дишењето. Редовното вежбање исто така помага.

За трајно да се ослободите од стресот, важно е да ги промените моделите на однесување и размислување кои водат до него, а перфекционизмот е еден од нив. Негувањето пријателства и ангажирање хоби активности се корисни.

Сите овие напори не само што фаворизираат ментална релаксација и позитивни емоции, туку директно ги замолчуваат звуците на постојаниот биолошки аларм на нашето тело, заклучува Adli.