ИСТОРИСКО ОТКРИТИЕ | ХПВ вакцината го намалува ризикот од рак на грлото на матката за речиси 90%!

791

Последните резултати во голема мера би требало да ги убедат сите оние кои сѐ уште се двоумат за придобивките од вакцинирањето на младите против ХПВ.

Младите жени кои биле вакцинирани против хуманиот папиломавирус (ХПВ) во нивните тинејџерски години со постарата вакцина GlaxoSmithKline Cervarix имале до 87% помал ризик од развој на рак на грлото на матката поврзан со вирусот, покажала долгорочната англиска студија.

Организацијата Cancer Research UK рече дека тоа е „историско“ откритие кое покажува дека вакцината спасува животи.

Резултатите од студијата покажале дека, во времето кога вакцинираните жени биле во своите дваесетти години, кај оние кои примиле серија вакцини на возраст од 12 до 13 години, стапката на рак на грлото на матката била за 87% помала отколку кај невакцинираните жени кои влегле во скрининг за малигни заболувања.

Кај вакцинираните на возраст меѓу 14 и 16 години, стапката на рак на грлото на матката во дваесеттите години била за 62% помала, а во групата вакцинирани на возраст од 16 до 18 години таа стапка била за 34% помала.

Cervarix е на пазарот од 2008. година

Податоците беа објавени во стручното медицинско списание The Lancet. Стапката на преканцерозни состојби е намалена за вкупно 97% кај девојчињата кои примиле вакцина на возраст од 12 и 13 години, покажала и студијата.

Истражувачите велат дека неговите резултати „требало во голема мера да ги убедат сите оние кои сѐ уште се двоумат за придобивките од вакцинирањето на младите против ХПВ“. Како дел од истражувањето, финансирано од Cancer Research UK, проучувани се податоци регистрирани во периодот од јануари 2006. до јуни 2019. година.

Станува збор за жени тестирани за рак на грлото на матката на возраст од 20 до 64 години, вклучувајќи ги и сите оние кои биле вакцинирани со Cervarix откако тој станал достапен на пазарот во 2008. година.

Во период од речиси тринаесет години, во Англија се пријавени околу 28.000 дијагнози на рак на грлото на матката и 300.000 дијагнози на преканцерозна состојба наречена цервикална интраепителна неоплазија (CIN3), покажале податоците.

Околу 450 помалку случаи на рак на грлото на матката и 17.200 помалку случаи на CIN3 дијагнози биле забележани кај млади вакцинирани жени отколку кај невакцинирани жени на иста возраст.

Заштитува од развој на два типа на ХПВ

„Се надеваме дека новите резултати од нашата студија ќе ги поттикнат младите жени да се вакцинираат бидејќи успехот на целата програма за вакцинација не се потпира само на ефективноста на вакцината, туку и на процентот на вакцинираната популација“, рече коавторот на студијата Kate Soldan од Здравствена агенција на Велика Британија.

Cervarix, развиен од GSK, штити од развој на два типа на ХПВ, одговорни за приближно 70 до 80 проценти од сите карциноми на грлото на матката.

Од септември 2012. година, во Англија наместо Cervarix се користи четиривалентна вакцина Gardasil од фармацевтската компанија Merck & Co, која штити од четири типа на ХПВ поврзани со развој на рак на грлото на матката и рак на ендометриумот.

GSK престана да го продава Cervarix во Соединетите Држави поради малата побарувачка, по појавата на Gardasil кој доминира на тој најпрофитабилен светски пазар.

Ракот на грлото на матката е редок кај младите жени, а за целосно да се процени ефектот на вакцината, неопходно е да се продолжи да се следи нивното здравје во староста, пишува The Lancet.