Кога во секоја земја во светот би се живеело како во оваа европска држава, ќе ни требаат три Земји.
Германците веќе сега потрошиле повеќе природните ресурси отколку што им “припаѓа“ за оваа година. Потребни се промени, пишува DW.
Веќе мај месец сме, но Германија веќе го слави својот национален “Overshoot Day”. А тоа значи дека народот на Сојузната Република веќе ги искористил природните ресурси што им се на располагање за целата 2022 година – кога ќе го земеме предвид нивниот удел во глобалното население. За само 125 дена (од почетокот на оваа година), Германците потрошиле онолку ресурси колку што би „смееле“ за цела оваа година – под услов да ги трошат на одржлив начин.
Би ни требале три Земји
Ако сите жители на нашата планета се однесуваат како луѓето во Германија, ако живеат на ист начин и трошат ресурси како што се прави во Германија, тоа би значело дека ни требаат три Земји за да ги задоволиме сите нивни потреби. Но, да потсетиме, имаме само една Земја на располагање.
„Тоа треба да биде аларм што треба да не потсети на сериозноста на ситуацијата“, рече Lara Louisa Siever, советник за правично користење на ресурсите во германската мрежа на невладини организации INKOTA. „Тоа е повик на будење за сите нас, но и за политиката и индустријата, сигнал дека повеќе не можеме да продолжиме вака.“
Според Stefan Küper, портпарол на Germanwatch, организација за заштита на животната средина и одржлив развој, причината за толку рано прославување на “Overshoot Day” во Германија е интензивната потрошувачка на ресурси во секторите како што се земјоделството и енергетската неефикасност на објектите.
„И тоа води кон тоа Германија всушност да живее на кредит, односно да зема многу повеќе од Земјата отколку што всушност ѝ припаѓа на нашата планета“, додаде тој.
Премногу бавен напредок
Сепак, ова не е првпат Германија толку брзо целосно да ги исцрпи „своите“ ресурси. “Overshoot Day” со години практично во исто време се обележува.
„И ова е најтажното. Не гледаме доволно напредок во Германија. Нема опиплив напредок во намалувањето на потрошувачката на ресурси или емисиите“, рече Küper.
Тој додава дека ова испраќа погрешен сигнал до другите земји кои можеби гледаат кон Германија по однос на прашањето кон проблемот со емисиите на овие гасови.
„Она што тие го гледаат е дека Германија не напредува многу во остварувањето на нејзините климатски цели.“ Во овој контекст, нашиот соговорник додава дека Германија „мора да вложи огромни и мерливи напори бидејќи покажа дека не само што ги дефинирала своите цели, туку дека нешто презема за да ги постигне“.
Животот на сметка на сиромашните
Иако Германија веќе го достигна својот „Overshoot Day“ во овој период од годината, треба да се напомене дека таа не е првата земја во светот на која ѝ „успеало“ во тоа. Дури и пред Германците, “Overshoot Day” им се случил на некои други богати земји како Катар, Луксембург, Канада, САД или Обединетите Арапски Емирати. Врз основа на овие наоди, Siever вели дека фактот покажува дека богатите индустриски земји живеат на сметка на посиромашните земји како Јамајка, Еквадор, Индонезија, Куба или Ирак – имено, оние земји кои трошат помалку ресурси, земји каде што “Overshoot Day” се обележува само на крајот на годината
„Германија е петти најголем потрошувач на ресурси на Земјата, Германија увезува 99% од минералите и металите што и се потребни од глобалниот југ“, забележува Siever. „И овие земји не трошат исто количество суровини, туку тие ги сносат последиците од влошената состојба во однос на почитувањето на човековите права, односно штетата што ја претрпи животната средина.“
„Ден за надминување“ низ историјата
Пред половина век, био-капацитетите на Земјата биле повеќе од доволни за покривање на годишните потреби на човештвото за природни ресурси. Но, со текот на времето Overshoot Day, датумот што го означува моментот кога сите одржливи ресурси достапни на глобалното население во дадена година биле де факто потрошени, се повеќе се движи кон почетокот на годината.
За тековната година, пак, тој датум се уште не е објавен. Во 2020 година, бил 22 август. Во 1970 и 1990 година се обележувал на 30 декември, односно 10 октомври. А веќе во 2010. тоа бил 6 август.
Што треба да се промени?
Еден од главните „виновници“ за прекумерното трошење на „буџетот“ што природата ни го става на располагање се емисиите на јаглерод диоксид, кои сочинуваат околу 60% од еколошкиот „печат“ на светската популација во моментов. Ако светот емитувал само половина од она што го емитува денес, тоа би било доволно за да се достигне „Overshoot Day“ три месеци подоцна отколку што сега обележуваме.
Еден од најефикасните начини за намалување на емисиите е да се префрлиме на обновливи извори, но експертот Siever потенцира:
„Сите треба да се префрлат на обновливи извори, но ни требаат минерали и метали како кобалт, литиум и никел. Она што често го забораваме е дека преработката на овие метали и минерали придонесуваат околу глобалните емисии на CO2 за околу 11%!“
Неопходни се промени
Siever, заедно со граѓанските организации, се залага за радикално намалување на потрошувачката на суровини, а охрабрена е и од плановите на германската влада, која во својот коалициски договор ја вклучи целта за намалување на потрошувачката на суровини. Веќе има поместување. Граѓаните на Wuppertal во западна Германија на тој начин иницираа проект во кој сакаат старите железнички линии да ги претворат во мрежа на велосипедски патеки – која се очекува да ја користат околу 90 милиони велосипедисти во следните 30 години.



















