Додека со некого разговарате, а детето е со вас, сигурно неколку пати ќе ве прекине, со вообичаените барања.
– Мамо, мааамо…морам нешто да те прашам?, е реченица, која ќе ја слушнете барем петпати во еден час. Со текот на времето ќе отрпнете на таквото однесување, но сепак постојат ситуации кога тоа можете да го истолерирате и ситуацијаа кога ќе ви биде мошне непријатно. Како да го научите детето да не се однесува така?
Прво и најважно е да разберете зошто децата тоа го прават, советуваат детските психолози. Имено децата до третата година имаат мошне ограничена меморија и не се во состојба да почекаат, односно да ја задржат мислата и да запаметат што треба да ви кажат или да ве прашаат.
Тие едноставно мораат да ја вербализираат идејата во истиот момент кога ќе им дојде. Тоа не значи дека се невоспитани или безобразни, тие едноставно не се во состојба да почекаат ниту една минутка за да го добијат вашето внимание. Упаѓањето во разговорот на некој начин е нивна инстиктивна потреба и нема да ја спречите со карање или ќотек.
Направете тест и ќе видите дека на пример тригодишните деца мошне ретко се во состојба попладне да ви раскажат како си поминало во текот на утрото. Нема да се сетат ниту што имало за ручек во градинка, ниту која воспитувачка ги пречекала кога сте ги оставиле. Ќе ги споменуваат настаните измешано и никогаш немојте да бидете сигурни дека зборовите „денеска“, „вчера“ и „изутринава“ ги користат правилно, бидејќи нивниот поим за време се уште не е развиен.
Дури после четвртата година детето ќе биде во состојба да ја сочува мислата, односно да почека да го завршите разговорот за да ви го каже тоа што го сака. Дури тогаш е вистинското време за развивање на „културата на разговор“, односно време да почнете да му објаснувате кога смее, а кога не да ве прекинува во разговорот.
Никогаш немојте да му кажете да детето „прекини ме само ако е нешто итно“, бидејќи децата не се способни за логично размислување, а итна работа може да биде што било, од одење во тоалет, до сок или да ја видите во истиот миг бубачката, која ползи по ѕидот.
Продолжува на страна 2