Жештината не смее да ве изненади | Еве како да се однесувате за време на топлотен бран

493

Покрај тоа што летово ќе се прилагодиме на новата реалност, мора да „размислуваме и за децениите што доаѓаат“.

Европската канцеларија на Светската здравствена организација (WHO) ги предупреди жителите да бидат подготвени за високи температури, бидејќи топлотниот бран зафаќа голем дел од континентот.

Без потребната подготовка, топлината може да стане смртоносна, предупреди Hans Kluge, директор на WHO за Европа.

Белгиецот предложи низа мерки кои жителите можат да ги преземат за да ги избегнат најлошите ефекти од топлотниот бран.

Тој советува да останете дома и да ги избегнувате најтешките задачи во најжешките делови од денот.

Домовите треба да се ладат, на пример со спуштање на ролетни и со нивно проветрување навечер за да може да влезе свеж воздух.

Исто така, од суштинско значење е телото да се одржува ладно и хидрирано со носење лесна, широка облека, туширање со ладна вода и редовно пиење вода.

Покачување на температурата

Додека се прилагодуваме на оваа нова норма, со нејзините разорни ефекти врз здравјето и животните услови, од клучно значење е сите да бидеме вооружени со знаење што помага да се спасат животи, рече Kluge.

Покрај тоа што летово ќе се прилагодиме на новата реалност, мора „да размислуваме и за децениите што доаѓаат“, предупреди докторот во својата изјава.

Тој повика на итна регионална и глобална акција за запирање на климатската криза, која претставува егзистенцијална закана за човештвото.

Тој нагласи дека клучно е да се вклучат и помладите генерации кои се особено загрижени за климата и често имаат идеи и предлози.

Kluge исто така нагласи дека прашањето за климатските промени треба да биде приоритет за сите политички опции.