Ракот на дебелото црево напаѓа помлади од 50 години

2216

Една нова американска студија покажа дека бројот на луѓе помлади од 50 години кои заболуваат од рак на дебело црево во последните 10 години е зголемен за над 11 отсто.

– Нашите истражувања покажаа дека здравствените работници мора да се фокусираат повеќе на откривањето на рани симптоми кај младите пациенти, со што би се намалила стапката на смртност, вели директорот на Одделот за истражување на њујоршката болница „Маунт Синај Вест“, др. Ели Сатон.

– Навистина не ни е јасно зошто ракот на дебелото црево стана позачестен кај помладите пациенти. Можеме само да претпоставиме дека тоа е поради воспалителни болести на цревата, дебелината или промена во начинот на исхраната, иако немаме точни докази за тоа, додава Сатон.

За потребите на истражувањата научниците користеле податоци од околу милион луѓе заболени од рак на дебело црево во период од 2004 до 2013 година.

Студијата е објавена во 25 издание на медицинскиот журнал „Канцер“.

Ракот на дебелото црево е една од најчестите болести кај двата пола. Хируршкиот зафат е основен облик на лекување, а прогнозата зависи од стадиумот на болеста во моментот на поставување на дијагнозата.

Канцерот на дебелото црево може да почне во неговиот почетен дел каде продолжува кон тенкото црево, во главниот дел на дебелото црево или во неговиот долен дел – ректумот. Болеста главно почнува постапно и во многу случаи клинички се манифестира со знаци на нарушување на цревните функции – запек, дијареа, промена на дебелината на столицата, крв или гној во столицата и општа слабост, губење на телесната тежина и слабокрвност.

Со напредувањето, оваа болест освен цревните места ги зафаќа и околните лимфни жлезди, а подоцна се шири и на други подрачја како што е црниот дроб, белите дробови и коските. Тогаш можат да се јават пречки кои се одраз на зафатеноста на тие органи – болки и кршење на коските, жолтица, кашлица…

Ракот на дебелото црево е втор најчест облик на канцер кај мажите, по ракот на белите дробови и кај жените, по ракот на дојката.