Каснат од куче! Каснат од куче! Каснат од куче … вест која во последно време е актуелна и во тој контекст, доаѓа овој текст со цел да ја разбудиме свеста на обичниот граѓанин во и пошироката јавност во Македонија.
Како искусен и долгогодишен кинолог, кинофил, дресер на кучиња и пред се` реален човек, кој кучешките грешки никогаш не сум ги барал во кучињата, туку во самиот себе, но и во средината во која тие живеат.
Бидете сигурни дека секоe кученце на планетата бара дом. Ниту едно кутре не сака да биде бездомник или џукела, како што популарно се нарекува во последно време, туку секое кутре бара дом од еден квадратен метар каде сака да биде мирно и најадено, и ништо повеќе. И тоа е суштината на неговото постоење. Тука лежи клучот за нивната среќа, бидејќи секое кученце по неговото раѓање е предодредено да биде наш заштитник и чувар, да ни` биде на располагање целиот негов живот, од неколкуте негови години. Но, што се случува? Човекот сѐто тоа го има пореметено и за жал се случуваат вакви трагедии на кои сме сведоци во последните неколку дена, каснувања на невини жртви, најчесто деца на улица …
Јас имам една своја мисла за која сум сигурен дека е точна “КУЧЕТО ПОТЕКНУВА ОД ВОЛКОТ, ЏУКЕЛАТА ОД ЧОВЕКОТ”.
Секојдневно сме сведоци на отфрлање кучиња; правење на хипер – продукција, а потоа што со вишокот? На улица, се разбира. Кутре за подарок на некое детенце, кое својата желба ќе си ја засити за неколку дена, за да потоа заврши на улица. И тоа не е сѐ. Само едно женско куче, фрлено на улица, за животот носи потомство од неверојатни 67.000 кутриња, што е неверојатна бројка. Прашањето е што сега со тие кутриња? Најлесно е да ги истепаме, но зошто? Со тоа не се постигнува ништо, бидејќи несовесните луѓе пак ќе фрлат кутре на улица. Решението лежи во подигање свест на граѓанинот кој треба да сфати дека и неговото дете утре може да биде жртва на напад, и затоа треба да се воведе ригорозна казна за секој кој ќе фрли куче на улуца.
Зошто уличните кучиња напаѓаат? Секое кученце по неговото исфрлање од домот и прекинување на неговата суштина на постоење, ја губи функцијата милениче, и станува дел од дивината, а тоа автоматски повлекува развој на чувствителност за зачувување на територија, маалски или регионален систем, добива дива – инстинктивна желба за чувување на потомството (што важи за женките), си го заштитува изворот на храна, бидејќи од тоа преживува (се случува, човекот да оди да го фрли ѓубрето во контејнерот и го напаѓа глутница од кучиња), бидејќи тој им се меша во изворот на храна, а тоа за нив значи смрт, умирање од глад. Тоа е дивиот инстинкт на глутницата. Ќе мора да се согласите дека зад тоа стои “Човекот” кои и понатаму мисли дека идеалното решение е убивањето на невините животни …
Да ги споменеме и чуваните кучиња. Пред неколку години работев на приватна дресура и развој на стражарски – одбранбен систем кај кучињата за лична заштита или за кучиња – чувари на разни објекти. Морам да кажам дека се работи за специјална дресура, но, исто така, и за убави пари. Во последно време, не работам обука која е поврзана со агресивност, бидејќи годините и искуството ме натерале да се замислам и разберам што се случува со неодговорните сопственици на тие кучиња. Имало ситуации на немили настани кога сопственикот му се заканувал на соседот со куче, кое јас сум го обучувал. Сега работам само на едукација на младите сопственици на кучиња и дресура на основна послушност, финансиски помалку исплатлива, но во секој случај имам помирен сон и без мисли дека „моето куче“ ќе нападне некого.
Поентата на текстот е да не ги сфаќате кучињата како Ваши непријатели, тие се во служба на човекот, тоа е нивната мисија на оваа планета, и затоа не ги тепајте, едуцирајте се во секава позитивна смисла на зборот, не му носете на вашето дете дома куче за ”подарок”, бидејќи тоа е живо суштество за кое треба да се грижите неколку години, наместо да го изживеете за еден месец – два и тоа да заврши на улица. Кучето е пријател, и ако го знаеме тоа, исто така, знаеме, дека не треба лошо и погрешно да се однесуваме и да го претвориме во непријател, бидејќи секогаш на улица има некое дете кое е потенцијална жртва на Вашата неедукација и небрижно однесување. Мислам дека е крајно време да ставиме крај на трагичните инциденти и кучето да биде нашата гордост …
Со почит, и секогаш на располагање, Ристовски Саша, инструктор за дресура.
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.