Учењето нови работи штити од деменција

182

Учењето нови работи, здравата исхрана, престанување со пушењето, спречувањето на оштетувањата на слухот и намалувањето на осаменоста можат да го намалат бројот на случаи со деменција за една третина, соопштија здравствените експерти.

Истражувачите во обемна анализа на факторите за ризик кои стојат зад деменцијата, издвоиле девет од нив како многу важни.

Меѓу нив се отсуството на образовните активности по 15-тата година, високиот крвен притисок, дебелината и губењето на слухот во средни години, пушењето, депресијата, физичката неактивност, социјалната изолација и дијабетисот на постара возраст.

Ако овие фактори целосно се елиминираат, наведуваат експертите, може да се спречи секој трет случај на деменција во светот.

„Иако дијагноза на деменција се поставува на постара возраст, промените во мозокот обично почнуваат да се случуваат многу години порано” – изјави Џи Ливингстон, проф. на Универзитетскиот колеџ во Лондон и една од 24 меѓународни експерти кои извршиле анализи за медицинскиот журнал „Лансет”.

Таа додаде дека „поширокиот пристап за превенција на деменцијата, како одраз на овие променливи фактори на ризик, ќе донесе корист на сите постари општества и ќе помогне да го спречи растот на бројот на случаи со деменција”.

Според најновите проценки на Меѓународното здружение за борба против Алцхајмер, во светот со деменција живеат околу 47 милиони луѓе, а трошоците за лечење на оваа болест веќе достигнаа 818 милијарди долари годишно.

Деменцијата ја предизвикуваат болести на мозокот, а најпозната е Алцхајмеровата болест.

Нивниот резултат е изумирање на нервните клетки и влошена способност за памтење, размислување, навигациска и просторна ориентација, а се случуваат и пореметувања во однесувањето и способноста да се водат секојдневните активности.

Светската здравствена организација очекува до 2050 година во светот да има 131 милион луѓе кои ќе патат од деменција, три пати повеќе од денес.