Тиквешко востание | Стравотни колежи на српската војска по Тиквешкото востание | Видео

681

Тиквешкото востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Востанието започнало на 19 јуни, 1913 година, во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМОРО.

Причини за востанието

Востанието е предизвикано од насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за асимилација и посрбување. Српските власти упатуваат јавна закана до населението дека секој оној којшто ќе се спротивстави на новата власт ќе биде погубен.

Процесот на асимилација започнува со протерување и апсење на сите дотогашни учители и свештеници, а како замена се доведени учители и попови од Србија. Во црквите и училиштата е воведен српскиот јазик. Теророт на власта се засилува, а со тоа и револтот на населението од ден во ден расте сè повеќе, не само кај првенците, туку и кај обичните жители. На востанието му претходат неколку настани коишто особено го зголемуваат револтот. Имено, едно момче, по има Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.

Тек на востанието

Со поддршка на ВМОРО е свикано собрание со делегати од речиси сите места во Тиквешијата. На собранието едногласно е решено да се крене востание и е создаден востанички штаб, составен од видни војводи од тој крај коишто учествувале и во Илинденското востание, меѓу коишто биле: Дончо Лазаров, Михаил Шкартов, Коце Сеизов, Диме Пинџуров, Тодор Камчев и други. Бројот на востаниците изнесува околу 1.000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите на ВМОРО.

Востанието започнало на 19 јуни, 1913 година, и покрај Неготино и Кавадарци, ослободени се и педесетина села во областа Тиквеш. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. Востаниците продолжуваат понатаму и успеваат да ги протераат српските чиновници и писари од општинската зграда во Кавадарци и симнувајќи го српското знаме, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.

Задушување на востанието

После седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгачот. На помош на српската војска иде и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени души. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1000 тиквешани од коишто на 500-ти

Материјалните загуби на Царството Бугариjа изнесувале една милијарда и 300 милиони франци, на Кралството Србија 590 милиони, на Кралството Грција 467 милионна имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени. 150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста Полјаната и стрелани. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак – колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.

Стравотни колежи во Тиквешијата по Тиквешкото востание

Над 1.000 жители од Тиквешијата платија со живот за време на Тиквешкото востание, дигнато во предвечерјето на Втората балканска војна. „Тиквеш остана гол и пуст, место славеи и косови, по војната се слушаа само утање и гракање на чавките“, ќе забележат хроничарите што ќе го посетат оваа место по големите колежи.

Тиквешкото востание било дигнато на 19 јуни 1913 година. Овој крвав настан македонските историчари до пред петнаесетина години не го истражуваа, сметајќи дека востанието е организирано од Софија со цел да се направи бунт во заднината на непријателот. Тие го определуваа како „врховистичка провокација“, востание дигнато во интерес на бугарската кауза, а цената ја платил македонскиот народ со многу жртви. Бугарските историчари, пак, според веќе познатите нивни ставови, востанието го прогласуваат за бугарско и го определуваат како вооружен протест на македонските Бугари и нивен стремеж за слобода и обединување со Бугарија.

Д-р Зоран Тодоровски не се согласува ни со едната ни со другата оцена. Тој вели дека востанието во Тиквешијата претставува прв и најмасовен вооружен протест на населението против новиот српски окупатор веднаш по Првата балканска војна во Македонија. „Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМОРО“, пишува Тодоровски во својата книга за востанието издадена од Музеј-Галерија Кавадарци. Тој притоа ги цитира зборовите на Пане Поп Коцев, кој во своите спомени вели: „Тоа мало востание ние го направивме без никаква помош од кого и да било“.

Востанието било предизвикано од репресивните мерки што ги спроведувала новата окупаторска власт во Македонија по победата над Турците. Меѓу другото, таа започнала насилна асимилација врз населението. Спроведувајќи ги наредбите од Белград, српскиот командант на Кавадарци, потполковникот Урошевиќ, ги свикал градските првенци и им се заканил со зборовите:

„Вие сте стари Срби, Бугарите ве асимилирале. Сега, кога ние сме веќе тука, ќе си бидете повторно Срби… Ако не ја исполните наредбата, веднаш ќе ве испотепаме сите“.

Споменик на Тиквешкото востание во Кавадарци

Српската власт своите намери почнала и да ги остварува со воведувањето на српскиот јазик во црквите и со отстранување на архијерејскиот намесник на градот. Учителите и поповите кои не ја прифаќале србизацијата, власта ги отпуштала од работа и ги апсела. Така, револтот од ден во ден растел се’ повеќе, не само кај првенците на градот, туку и кај обичните жители.

„На ваквиот револт не останале индиферентни ниту врховистичките кругови на ВМОРО, кои ставајќи се на страната на бугарската државна политика биле мошне заинтересирани за промените во Тиквешката област. Користејќи ги насилничките окупаторски мерки на српската власт, тие се обидувале да му внесат уверение на населението преку своите емисари дека српската власт е привремена и дека набргу ќе дојде до бугарско ’ослободување’ “, пишува д-р Тодоровски, укажувајќи на тоа дека и бугарската држава и комитите кои во тоа време целосно се ставиле на страната на Софија, биле заинтересирани да се дигне востание во тој крај.

Во Тиквешкото востание учествувале и врховистички и санданистички чети и војводи. Предводник на санданистите бил Мишо Шкатров, мошне популарен и сакан од народот. Според д-рТодорски, околу него се собрале сите видни револуционери и активисти во Тиквешијата, припадници на разни политички движења и идејни струи на ВМОРО. Највлијателна била групата на централистите предводени од Пано Имирлиев. Во востанието се вклучиле и комунистите предводени од првиот социјалдемократ во Кавадарци, Ристо Михов. Групата чорбаџии кои биле најблиски до „сарафистите“, ја предводел Тасе Бошков, кој подоцна станал кмет на Кавадарци. Тодоровски нагласува дека, и покрај различните интереси, несогласувања и борбата за престиж меѓу овие три главни групи во минатото, врз основа на авторитетот на Мишко Шкартов тие се обединиле. Единствено Шкартов имал спорови со месниот војвода Дончо Лазаров, кој инаку бил приврзеник на Тодор Александров.

Бројот на востаниците изнесувал околу 1.000, од кои 200 луѓе биле обични граѓани кои зеле пушка в рака, а другите комити од четите на ВМОРО. Првите денови востаниците постигнале голем успех. Кавадарци било ослободено седум дена, од 19 до 26 јуни, кога на општинската зграда се веело новоизработеното тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни било одржано и свечено собрание на кое била избрана и градска управа од 12 видни кавадарчани.

Револуционерниот штаб очекувал да им притекне на помош Четвртата бугарската армија која се наоѓала од левата страна на Вардар. Меѓутоа, помошта неда стигнала. Бугарската армија се повлекла поради новосоздадената ситуација. Се повлекле и четите на ВМОРО кои се вклучиле во борбите по наредбата што стасала од централата. Така, востаниците останале сами да се справат со српската војска и башибозукот и брзо биле поразени. Тогаш започнал крвавиот поход по тиквешките села. Василие Трбиќ, тогашен командант на таканаречениот „Вардарски одред“ собрал околу 200 просрпски ориентирани доброволци од Велешка и Прилепска околија, а под негова команда се ставиле и четите на Јован Бабунски и Јован Долгачот. Истовремено, по наредба српскиот началник на Кавадаречкиот округ, Душан Николиќ, потурчениот Албанец Јаја-ага вооружил 250 Турци башибозук и му се ставил на располагање на Трбиќ. Навлегувајќи во тиквешките села, башибозуците на Јаја-ага извршиле невидени ѕверства, безмилосно пресметувајќи се со недолжното население. Немало место во кое не биле извршени мачења и ликвидации. Биле силувани многу жени, пљачкосување и запалени многу куќи и дуќани.

„И покрај гарантирањето ’во име на крал Петар‘, српските власти во Кавадарци уапсиле и врзале на кол во центарот на градот повеќе од 150 граѓани. По 30 часа заврзани на жешкото тиквешко сонце, и без вода, тие биле одвлечени надвор од градот, кај месноста Полјаната, заедно со уште 50 други кавадарчани, односно вкупно околу 200 души, и стрелани“, подвлекува д-р Тодоровски.

Петар Камчев кој учествувал на трибината што се одржала во 1993 година го пренесува потресното сеќавање на д-р Методи Боцев за стрелањето на неговите вујковци Диме и Тодор Гроздановски. Кога Јаја-ага дошол во Кавадарци татко му на Методија Ило Боцев, заедно со Ристо Грозданов се скриле на таванот на куќата на Грозданови. Кога еден дел до четата на Јаја-ага се доближила до куќата, тие преку отворот на ќерамидите истрелале неколку куршуми и притоа убиле еден, а неколкумина четници раниле. Веднаш потоа слегле од таванот, а да не бидат видени со оружје пушките ги скриле, едната во бунарот, а другата во каците и побегнале во куќата на Чемерци.

„Насетувајќи дека ќе се случи нешто лошо, бабата ми Султана, заедно со другите жени од куќата како и децата решиле веднаш да побегнат и да се засолнат. Жените се скриле во една турска куќа во непосредна близина на нашата, денес истата е сопственост на Тодор Мурџев-Тотката. Машките деца немале право да се кријат во турска куќа, па затоа моите вујковци, браќата Диме и Тодор Грозданови, се скриле во куќата на Ристо Грозданов“, пишува Камчев.

Единствено во куќата останала прабабата на Камчев. Веднаш по истреланите куршуми настанала голема паника во редовите на Јајата, а четниците го опколиле целото маало за да ги пронајдат извршителите на убиството. Кога четниците предводени од Јајата влегле во куќата на Грозданови таму ја нашле старицата и започнале безмилосно да ја тепаат и измачуваат за да каже каде се кријат тие што пукале врз нив. „Кога го видел тоа мојот помлад вујко Диме, на возраст од 17 години, како безмилосно ја тепаат неговата баба, од голема жал излегол од скривалиштето и им кажал на четниците дека комитите побегнале, но дека видел каде го скриле оружјето, со што мислел дека ќе ја спаси баба си. Тој ги однел кон бунарот каде што била едната пушка и кај оставата каде што била скриена другата, без да знае дека таму се скрил неговиот постар брат Тодор, на возраст од 19 години“, раскажува Петар Камчев за трагичниот крај на своите вујковци.

Четниците на Јаја-ага започнале физичко да ги измачуваат за да кажат каде се скриени комитите кои пукале. Не им кажале ништо, бидејќи и не знаеле. Потоа ги однеле со уште 23 кавадарчани во месноста Опитно Поле на север од градот, каде што сите ги стрелале.

„Кога вечерта дедо ми Ило се враќал дома, на патот го пречекал еден негов комшија и му ја соопштил страшната вест дека неговите двајца синови Диме и Тодор на најѕверски начин се стрелани од страна на четниците на Јајата. Скршен од болка и од тага, дедо ми Ило Грозданов, инаку многу здрав човек, само за неколку дена од преголема болка и од мака си извадил 18 здрави заба. За да биде несреќата поголема, неговиот најстар син Пане, кого за време на блокадата на Јајата во Кавадарци само среќата го спасила од сигурна смрт, едната година по овие настани во времето на Првата светска војна бил регрутиран во редовите на српската војска. Мојата баба Султана се упатила во неговата касарна со молба и со поголема сума на златни лири кои ги дала со цел барем едниот нејзин син да се спаси. Меѓутоа, наместо ослободување, по извесно време добиле известување дека нивниот син Павле загинал на мистериозен начин. И до ден денес неговиот гроб не се знае“, раскажува Петар Камчев.

Јаја – ага и српските четници убиле над 1.000 невини луѓе

Д-р Зоран Тодоровски во книгата „Тиквешкото востание во 1913 година“ ќе наведе повеќе извори кои приближно ја потврдуваат оваа бројка на жртвите. Во книгата Кирил Прличев за српскиот терор во Македонија, објавена во 1917 година и заснована на податоци на Извештајот на Карнегиевата комисија за балканските војни, наведува дека во Кавадаречка општина вкупно биле убиени 195 души, а силувани 15 жени. Само во Кавадарци биле убиени 25, а во селата Ваташа 37, Бохула 45, Сирково 26 души итн. Во Неготинска општина биле убиени 331, а 488 куќи биле изгорени. Само во Неготино биле убиени 117 души, а во селата Прждево 37, Бистренци 39, Бесвица 28, Куријата 20 итн.

Поголема е бројката што ја соопштуваат некои сведоци и учесници во Тиквешкото востание. Блажо Видов тврди дека вкупно во Тиквешијата биле убиени повеќе од 1.200 души, од кои во Кавадарци 363, во Неготино 263 и во Ваташа 89. Во Кавадарци биле изгорени над 60 куќи, а во Неготино една третина од вкупниот број куќи во градот. Најмногу настрадале селата Мрзен Ораовец, Фариш, Глишиќ, Ваташа, Марена, Куријата, Паликура, Рибарци, Манастирец и Шивец каде што имало и најмногу изгорени куќи. Според Васил Сеизов, вкупно во Тиквешијата биле изгорени повеќе од илјада куќи, околу 500 души, мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени, околу 750 куќи во Неготино биле опожарени, а вкупно во Неготинска општина биле убиени околу 500 души, од кои само во градот Неготино 280 души.