Моќните аурори на Јупитер, напојувани од неговата вулканска месечина Ио, ги изненадија научниците со брзи, енигматични блесоци снимени од телескопот JWST, откривајќи непознато атмосферско однесување.
Иако не можеме да ги видиме со голо око, аурорите на Јупитер, кои се најмоќните во Сончевиот систем, постојано светат во ултравиолетова, инфрацрвена, а понекогаш и во рендгенска светлина. Овие светлосни феномени се јавуваат кога честичките се насочени од магнетното поле на планетата во атмосферата, каде што ги јонизираат гасовите и создаваат карактеристичен сјај.
За разлика од Земјата, каде што аурорите се главно предизвикани од сончевата активност, Јупитеровите се главно предизвикани од неговата вулканска месечина Ио. Ио континуирано исфрла сулфур диоксид, создавајќи огромен гасовит торус, кој внесува енергетски честички во Јупитеровата магнетосфера и на тој начин ги напојува Јупитеровите аурори.
На 25 декември 2023 година, вселенскиот телескоп James Webb (JWST) го сними однесувањето на поларната светлина што никогаш порано не било забележано.
„Каков божиќен подарок, едноставно бев воодушевен“, рече астрономот Џонатан Николс од Универзитетот во Лестер во Велика Британија.
Неговиот тим очекувал бавни промени во осветленоста на аурората, но наместо тоа, тие забележале интензивно и брзо треперење.
„Гледавме како целиот аурорален регион блеска од светлина, понекогаш менувајќи се од секунда во секунда“, објасни Николс.
Мистерија во инфрацрвениот спектар
JWST се фокусираше на инфрацрвеното зрачење предизвикано од триводородни катјони (H3+), клучно за проценка на енергетскиот биланс на аурората. Сепак, паралелно набљудување на Hubble во ултравиолетовиот спектар откри несовпаѓања.
Најсјајната светлина снимена од Веб немаше вистински еквивалент на сликите од Hubble. Тоа нѐ остави збунети. За да се произведе комбинацијата на осветленост што ја гледаат Webb и Hubble, потребна е навидум невозможна комбинација од голема количина честички со многу ниска енергија што ја погодуваат атмосферата – како дожд, рече Николс.
Иако збунувачки, резултатите од новата студија објавена во списанието „Nature Communications“ даваат важен дел од сложувалката за мистериозната атмосферска комплексност на Јупитер. Континуираните набљудувања на повеќе бранови должини и идните модели би можеле да фрлат светлина врз овие засега необјаснети зрачења.
Извор: Science Alert



















