Знаци дека го омаловажувате партнерот, а мислите дека му помагате

924

Понекогаш кога дури и најдобронамерно упатуваме критика кон партнерот, може да биде интерпретирана сосема погрешно, во зависност од тонот со кој се обраќаме или од изборот на зборови.

Така, може да се случи наместо добра намера, тие да препознаат непотребна критика и да се создаде непријатна и конфликтна ситуација. Често сето тоа го правиме несвесно, што партнерот помислува дека се обидуваме да го промениме или дека сметаме дека не е способен за некои акции.

Клучно нешто во врските е да му помогнеме на партнерот самиот да увиди дали е способен да направи нешто во однос на врската и да придонесе за таа да биде постабилна и подобра. Доколку не може да процени, ниту пак сака да преземе некоја обврска, време е да се преиспита колку вреди да се остане во таа врска. Но, пред да го направите тоа, проверете дали можеби вршите притисок врз партнерот, погрешно го критикувате или се обидувате да помогнете на неправилен начин.

Се сомневате во сите негови избори

Кога имате приговор во однос на нивната облека, храната што ја избираат или други ситни критики кон нивниот избор, оставате впечаток дека сметате дека не се способни самите да изберат правилно за себе. Иако комуникацијата е важна за една врска, некои од прашањата кои ги поставувате и тонот со кој го правите тоа, може да ја разниша довербата што се обидувате да ја изградите. Запомнете дека вашиот партнер е возрасна личност и дека е способен да направи избори за кои смета дека се правилни. Верувајќи му, ја правите вашата врска помирна и подобра.

Ги коригирате во зборувањето

Понекогаш може да биде навистина иритирачки да слушате како изговара некои зборови неточно и неправилно и инстинктивно ви доаѓа веднаш да направите корекција на кажаното. На сите им се случува да погрешат, но доколку ги поправате на секој збор, тоа може да биде крајно вознемирувачки за нив.

Се шегувате со нив

Сосема е во ред да вметнете по некоја шега на која ќе се изнасмеете и двајцата, но нека не ви преминува тоа во навика, бидејќи несакајќи може да претерате и да направите партнерот да се почувствува лошо. Внимавајте, шегата не смее да ја наруши нивната самодоверба. Некогаш, колку и да е најдобра намерата, запрашајте се како би реагирале вие во обратната ситуација. Врската треба да се заснова на тоа да си бидете поддршка еден на друг, а не за да се понижувате меѓусебно. Испитајте ја добро границата до каде смеете да одите со шегите и секако, поставете своја, за да се избегнат непријатни ситуации.

Ги „советувате“

Некогаш партнерот навистина сака да го чуе вашето мислење, но некогаш навистина му е сосема непотребно. Тоа што сте во врска не значи и дека вашиот совет е секогаш потребен. Напротив, ако претерате со делењето совети и со тоа да имате мислење за секоја ситуација, може да станете напорни и да влијаете вознемирувачки за партнерот.

Сметате дека тоа што го прават не е добро и ги критикувате

Секој има свој начин на функционирање, но тоа не значи дека еден е подобар од друг. Ако мислите дека нештата треба да бидат направени онака како што сами ги замислувате, тогаш не барајте помош од партнерот. На пример, вие имате еден начин на кој миете садови, а неговиот е сосема друг. Сè додека крајниот исход е чиста кујна, не е важно на кој начин е направено тоа. Бидете флексибилни во однос на навиките, разберете дека вашиот начин на правење на нештата не е најправилниот и прифатете да научите нешто и од другиот.

Не го почитувате она што го кажуваат

Дали забележувате дека сè почесто не го одобрувате она што вашиот партнер го кажува? Ако се пронаоѓате во ваквиот опис, тогаш имате сериозен проблем во врската. Постојаното непочитување на нивните зборови може да доведе до тоа воопшто да не сфатите дека тој има проблем или пак, да остави впечаток дека сте незаинтересирани за тоа. Ако пречесто ги одбивате нивните предлози, наметнувајќи свои, ризикувате партнерот да се чувствува бескорисен и постојано изложен на вашата критика. По некое време, нема да сака да соработува, ниту да дава мислење за што било, бидејќи е навикнат да не наидува на одобрување од ваша страна.

Избегнувате компромиси

Секој успешен меѓучовечки однос се заснова на компромиси. Доколку ги нема, тогаш врската е само површна, а едниот од партнерите е секогаш понижен и се чувствува помалку вреден. Можеби не ви се допаѓа ресторанот кој тој го избрал, но голема е веројатноста дека ни нему не му се допаѓал некој ваш предлог, но го прифатил сметајќи на тоа дека следниот пат ќе попуштите за некое негово барање.

Доколку се пронаоѓате во барем еден од овие описи, тогаш е време да запрете, да се преиспитате што всушност сакате од врската и да забележите дали можеби вашето однесување му го загорчува животот на другиот. Често овие постапки ги правиме несвесно и иако може да изгледаат како ситници, голема е веројатноста дека ќе ја разнишаат самодовербата на партнерот или ќе го направат несигурен, а уште полошо, исплашен од вас.

Разговарајте отворено, прашајте го дали има забелешка и потрудете се да ги средите односите. Да, може да биде доста тешко да се отстапи од некои карактеристики и верувања, но тоа вреди да се направи за да се зачуваат среќата и стабилноста на врската.