Свети Великомаченик Георги Победоносец

2645
Church of St. George, 1191 (Kurbinovo, Republic of Macedonia)

Свети Георги, Ѓорѓи или Ѓорѓија, е роден во Кападокија, а во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан.

Кога овој цар започнал гонење на христијаните, Георги истапил пред него и одважно изјавил дека е христијанин, поради што царот го затворил, наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен.

Потоа наредил да го врзар на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле. По ова го закопале во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставиле во ровот три дена и три ноќи.

Но при сите овие маки Георги непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш го исцелувал и на големо одушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта.

Крстот на Свети Георги, на знамето на Англија

Кога Св. Георги воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу овие биле и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин.

Најпосле царот ги осудил Свети Георги и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а Свети Георги го убиле во 303 година.

Безбројни се чудата што се јавиле на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Од љубов кон Господ Христос, Свети Георги без тешкотии оставил се заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет.

За оваа љубов Господ го наградил со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. Го дарувал со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.