Хронолошката возраст не е толку важна како биолошката возраст на една личност и може да се коригира.
Научниците кои истражуваат зошто некои видови на рак се во пораст кај помладите велат дека пронашле интересна трага: Врска со забрзаното биолошко стареење, пренесува CNN.
Стареењето е главен фактор на ризик за многу видови на рак, што значи дека колку сте постари, толку е поголема веројатноста да ви се дијагностицира.
Експертите сè повеќе препознаваат дека годините се повеќе од бројот на свеќички на роденденската торта. Тоа е и абење на телото, предизвикано од начинот на живот, стресот и генетиката, што понекогаш се нарекува биолошка возраст на една личност.
Сите знаеме дека ракот е болест на стареењето. Сепак, доаѓа и до помладата популација. Значи, дали можеме да го искористиме добро развиениот концепт на биолошкото стареење за да го примениме на помладата генерација е навистина неиспитано поле, рече д-р Yin Cao, вонреден професор по хирургија на Washington University School of Medicine во St. Louis, и виш соработник на новото истражување.
Истражувањето е претставено на годишната конференција на American Association for Cancer Research во San Diego.
Д-р Yin Cao и нејзиниот тим ги разгледале медицинските досиеја на 148.724 луѓе на возраст од 37 до 54 години кои биле дел од големата база на податоци наречена UK Biobank. Тие се фокусираа на девет крвни маркери за кои се покажало дека корелираат со биолошката возраст, вклучувајќи албумин, креатинин, гликоза и Ц-реактивен протеин.
Деветте вредности потоа биле внесени во алгоритам наречен PhenoAge, кој се користел за пресметување на биолошката возраст на секоја личност. Истражувачите утврдиле забрзано стареење споредувајќи ја биолошката возраст на луѓето со нивната хронолошка возраст.
Тие потоа ги проверувале регистрите за рак за да видат на колкумина од групата им бил дијагностициран рак во рана фаза, што истражувачите го дефинирале како рак што се појавил пред 55-тата година од животот. Речиси 3.200 од нив биле дијагностицирани.
Истражувачите откриле дека луѓето родени во 1965 година или подоцна имале 17 отсто поголеми шанси да доживеат забрзано стареење отколку оние родени од 1950 до 1954 година.
По прилагодувањето на податоците за факторите за кои мислеле дека може да влијаат на нивните резултати, истражувачите откриле дека забрзаното стареење е поврзано со зголемен ризик од рак.
Најсилната поврзаност е забележана со ракот на белите дробови, желудникот, цревата и матката.
Студијата не е осмислена да одговори на прашањата зошто овие типови на рак се чини дека имаат најсилни врски со забрзаното стареење, но Ruiyi Tian, дипломирана студентка која го водела истражувањето, има некои теории.
Tian изјавила дека е можно белите дробови да се поподложни на стареење од другите видови ткиво бидејќи белите дробови имаат ограничена способност да се регенерираат. Ракот на желудникот и дебелото црево, вели таа, е поврзан со воспаленија, кои се зголемуваат со возраста.
Д-р Yin Cao призна дека оваа студија има ограничувања.
На пример, луѓето во студијата не биле следени со текот на времето. Резултатите од тестовите на крвта биле од еден тест, па дале само слика за ризикот, кој може да се промени. Идеално би било, рече таа, кога истражувачите би ја следеле истата група со години, земајќи примероци крв за да добијат попрецизни податоци за ризикот.
Д-р. Anne Blaes, која го проучува влијанието на биолошкото стареење кај преживеаните од рак на University of Minnesota, рече дека резултатите од студијата се возбудливи бидејќи можат да укажат на подобар начин да се најдат луѓе кои се изложени на поголем ризик од рак на помлада возраст. Во моментов, младите возрасни лица кои немаат семејна историја или други фактори на ризик не се рутински прегледани за повеќето видови на рак.
Гледаме сѐ повеќе и повеќе видови на рак, особено рак на дигестивниот систем и рак на дојка, кај помладите луѓе. И кога би имале начин да идентификуваме кој е изложен на поголем ризик за нив, тогаш би препорачале скрининг во некое друго време, рече Blaes, професор и директор на Division of Hematology and Oncology на медицинскиот факултет на универзитетот.
Таа не била вклучена во новото истражување.
Blaes кажа дека ако се најдат луѓе кои се изложени на поголем ризик бидејќи нивните клетки побрзо стареат, може да се направат интервенции во животниот стил: работи како исхраната, вежбањето и спиењето.
Постојат лекови кои исто така се чини дека го забавуваат забрзаното стареење, рече Blaes, која тестира два од нив кај преживеаните од рак. Преживеаните од рак често покажуваат поголемо биолошко стареење, можеби поради ефектите од терапиите како хемотерапијата и зрачењето.
Станува збор за сенолитици, лекови за кои се смета дека целат и ослободуваат од оштетените клетки.
Во моментов не е јасно кој би можел да има корист од овие лекови, но забрзаните проценки на стареењето како PhenoAge еден ден би можеле да им помогнат на лекарите да ги одредат луѓето на кои им се најпотребни.