Кучињата ја слушаат секоја ваша реченица ! Не им е потребна обука за да научат нови зборови!

690

Ново истражување покажува дека некои кучиња можат да усвојуваат имиња на предмети само преку прислушкување, слично како малите деца.

Иако повеќето кучиња лесно ги совладуваат основните команди како „седни“ и „долу“, само мал број од нив — таканаречените „надарени ученици на зборови“ — се способни да разбираат имиња на предмети.

Ново истражување, објавено во научното списание Science, покажува дека кучињата можат да научат многу повеќе од човечкиот говор отколку што досега се сметаше. Во студијата учествувале етолози од Универзитетот Еотвос Лоранд (ELTE), кои откриле дека некои кучиња се способни да учат нови зборови едноставно преку слушање на разговорите на своите сопственици — без директна обука.

Според наодите на истражувањето, одредени кучиња можат да усвојуваат ознаки на предмети не само кога им се обраќаат директно, туку и преку таканаречено „прислушкување“ — односно со набљудување и слушање на интеракциите меѓу луѓето во нивната околина.

Однесување слично на детското учење

Студијата потврдува дека иако повеќето кучиња можат да научат основни команди, само мала група покажува извонредна способност за учење зборови. Овие „надарени“ кучиња можат без напор да ги научат имињата на повеќе од сто играчки, најчесто преку игра.

Истражувачите нагласуваат дека досега не било познато оти ваквите кучиња можат да усвојуваат нови имиња на предмети на начин сличен на малите деца — дури и кога зборовите не им се упатени директно.

„Нашите наоди покажуваат дека социокогнитивните процеси што овозможуваат учење од слушнат говор не се исклучиво човечки“, изјави Shany Dror, постдокторски истражувач на ELTE и на Универзитетот за ветеринарна медицина во Виена. Таа додава дека, под соодветни услови, однесувањето на одредени кучиња е извонредно слично на однесувањето на децата.

Во рамките на експериментите, научниците испитувале дали кучињата надарени за учење зборови можат да ги научат имињата на предметите во краток временски период — како кога сопствениците директно им зборувале, така и кога зборовите ги усвојувале слушајќи разговори меѓу луѓе.

Резултатите покажале дека овие кучиња можат флексибилно да учат нови имиња на предмети преку различни начини на изложеност, објасни Клаудија Фугаца, водечки истражувач на Одделот за етологија при ELTE.