“Јаз меѓу нас” | Татјана Алексиќ

1536

Сѐ подлабок ЈАЗ МЕЃУ НАС… Поделеност и гневност, осуди, пцости и клетви се пострашни од промената на името, за кое (да не се залажуваме или срамиме) се “подготвувавме” 27 години.

А кога има јаз и јад, нема место за радост и гордост, очајот на еден човек – сите не смалува за еден човек, или во духот на Хемингвеј, ниту еден човек сам по себе не е остров, сам за себе целина…

Не треба да се раздени, ако на друг му се стемни, еден да се срами друг да “ликува”, еден да лајкува друг да прескокнува.Тажен е овој наш пат кон раскошната стара Мадам и алијансата на Недопирливите, тажна неминовност и никој не е подготвен да се радува со сето срце.

Еден дел чука со јаз и јад, јаз-јад, јаз-јад, јаз-јад и сака да го исплука “дивото месо”, подивено од страв на мајчински инстинкт.

Помешани инстинкти на колективната меморија која не заборава, амнестија не е амнезија, колку и да сакаме да си простиме и заборавиме, дур има јаз меѓу нас – невозможно е. Кога е нешто неизбежно, достоинствено да ја прифатиме неминовноста, џабе се прпеламе и обвинуваме, “зар је важно тко је крив кад се све то деси” …

А ни се “деси” и не задеси, многу одамна.

Добра ноќ, утре е нов ден.