Како што и се најавуваше, тоа денеска доби потврда, организаторите на Олимписките игри објавија дека навивачите од странство нема да можат да присуствуваат на најголемиот спортски настан во Токио годинава, поради пандемијата на коронавирусот.
Како што се вели во официјалното соопштение, во петокот се одржа состанок помеѓу претставниците на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Меѓународниот параолимписки комитет (МПК), градските власти во Токио, Организациониот комитет на Олимписките игри и Владата на Јапонија. За време на состанокот, домаќините ги информираа ИОК и МПК дека нема да дозволат странски навивачи да влезат во Јапонија поради пандемијата.
Одлуката е донесена со цел да се одржи здравствената безбедност на сите учесници, но и на граѓаните на Јапонија.На оваа одлука дополнително влијаеше и фактот што во одредени делови на светот се појавуваат посебни соеви на коронавирусот, како и фактот дека постои ограничување на патувањата на глобално ниво.
Се додава дека паричните средства ќе им бидат вратени на сите оние кои веќе купиле билети за Игрите во Токио.
Првично ЛОИ требаше да се одржат минатото лето, но беа одложени за една година поради пандемијата. Се очекува Олимпијадата да трае од 23 јули до 8 август 2021 година.