СеЉачишта | Татјана Алексиќ

794

За секој обичен човек од народот, или обичен селанец, треба да се знае како да се одвои неговата убавина од неговиот примитивизам.

Надворешната убавина не штити од примитивизам, не може да го камуфлира. Толстој ги сакал и почитувал селаните, пишувал за нив и работел со нив, без оглед на грофовското потекло. Им ги сакал здравата селска убавина, работливост, лојалност и скромност, но знаел да ја одвои од примитивизмот, кој многу почесто и појасно го гледал кај феудалната аристократија, на која и самиот ѝ припаѓал.

Слична философија се препознава и во делата на Достоевски кој во расказот “Селанецот Мареј” пишува: “Не судете за рускиот народ по гадостите кои често ги прави, туку по оние големи и свети идеали за кои тој, преку своите гадости, копнее и воздивнува”.

Генијалците на рускиот реализам, Толстој и Достоевски, реално не можеле да предвидат дека двојниот морал на богатата аристократија, нивниот лажен сјај камуфлиран со титули, во новиов милениум ќе се трансформира и кулминира со испомешани статуси и “брзини”.

Со брзина на светлина, новокомпонирани граѓани и ултра богаташи со сеЉачки манири, ќе ја јавнат власта, како некогаш Итар Пејо своето магаре.

Барем на Пејо магарето било негово. Сега магарето сме сите ние, обични граѓани, работници и селани, ставени во ред да го чекаме животот и да зависиме од сеЉачишта, чија надворешна убавина, титула и капитал, не го затскриваат примитивизмот.

Им излегува од секој гест, мимика и израз.