Идентификувајте ги знаците дека некој во вашата околина можеби го губи тлото под нозете

155

Ова се сигналите на депресијата кои несвесно ги правиме, а приметливи за околината:

  • Разговор за самоубиство, смрт, умирање …
  • Повлекување од пријателите и семејството
  • Сериозни промени во расположението
  • Чувство на заробеништво
  • Зголемена конзумација на алкохол или дрога
  • Постојано спие или има проблеми со спиењето
  • Неконтролиран гнев или агитација
  • Самоуништувачко и ризично однесување
  • Давање лични работи
  • Простување од луѓето без причина

Луѓето кои страдаат од ментална болест, алкохолизам или злоупотреба на дрога, имаат историја на траума или злоупотреба, неизлечива болест, хронична болка, социјално се изолирани, или им се случил трауматичен животен настан како што е губење на некој близок, можат да имаат зголемен ризик од самоубиство.

Клиничка депресија

Кај луѓето со нормална тага, одржана е концентрацијата и способноста за фокусирање на вниманието, додека во клиничката депресија таа е нарушена. Лицата со клиничка депресија го избегнуваат дружењето, пријателите и семејството, ја губат мотивацијата и енергијата, и не се способни да делуваат, додека луѓето со нормална тага можат да уживаат во дружба со семејството и пријателите со зачувано чувство на задоволство.

Тоа значи дека симптомите на клиничката депресија го зафаќаат целото битие на заболениот, цело време и во сите ситуации. Постојано се тажни, ништо не може да ги расположи, чувствуваат потреба за мир, изолација, избегнуваат дружење, сѐ им претставува напор, имаат салаба концентрација, почнуваат да забораваат, имаат и некои необјаснети болки, и немаат интерес и мотивација.

Не излегуваат како порано, ги привлекува креветот, светот го бојат со црна боја. Немаат енергија, лесно се замараат, повеќе не можат да прават работи кои ги правеле со леснотија до тогаш, сè им изгледа тешко. Не гледаат надеж во иднината, не гледаат дека ќе биде подобро, немаат излез. Им изгледа дека се во тунел од кој не можат да излезат.

Стручна помош

Неодамнешните истражувања предупредуваат за зголемување на депресијата кај мажите, а експертите велат дека генерално повеќе се спротивставуваат да бараат професионална помош. Многу мажи стоички ги поднесуваат проблемите, особено оние кои се поврзани со менталното здравје и живеат во уверувањето дека самите можат да се справат со проблемот. Но, тоа не оди толку лесно.

Ако забележите драстична промена во нечие однесување, не молчете, туку отворено разговарајте со тоа лице. Кажете ѝ дека сте забележале дека не се однесува нормално и дадете конкретни примери. Прашајте ја таа личност што се случува, а потоа бидете подготвени да слушате.

Ако сте загрижени после разговорот, поттикнете ја да побара стручна помош.