Еколошки календар

4536

16 септември – Меѓународен ден за зачувување на озонската обвивка

Озонскиот слој што ја штити Земјата од штетно сончево зрачење и помага за опстанокот на животот на планетата се намалува секоја година како резултат на човековата активност. Овој датум оваа година ја прославува својата дваесетипетгодишнина, во знак на одбележување на денот кога е потпишан Протоколот во Монтреал, кој предвидува конкретни активности од страна на земјите и разни проекти за заштита на оваа обвивка.

29 септември – Меѓународен ден на морето

Три четвртини од најголемите градови во светот лежат на бреговите на морето и океаните, додека половина од светското население го прима својот примарен извор на храна од морињата и океаните. Овој датум се слави уште од 1978. година, а најголемите опасности кои денес го загрозуваат синото пространство се загадувањето на водата заради огромното истурање на нафта секоја година, како и прашањето на безбедноста на море заради пиратите кои највеќе ги има во близина на Сомалија, каде често киднапираат бродови и бараат висок откуп.

04 октомври – Светски ден на животните

Светскиот ден на животните е воспоставен во 1931. година во Фиренца, на Светскиот конгрес на пријателите на животните. Според официјалните податоци на Комитетот на ООН за заштита на животните и природата, секој ден исчезнуваат околу 100 животински видови, а на црвената листа на најзагрозените видови кои се соочуваат со неминовно истребување се големите панди, тигри, морски желки, големите примати како што се горилата и шимпанзите, како и слоновите и носорозите. Целта на одбележувањето на овој датум е да се потенцираат неправдите што луѓето ги нанесуваат врз животинскиот свет.

01 ноември – Светски ден на екологијата

Екологијата е наука за околината која ги проучува односите помеѓу живите суштества, околината во која живеат и како се хранат. За прв пат терминот екологија го користи германскиот биолог Ернест Хекел во 1866. година, а во последните неколку децении овој термин се поистоветува (идентификува) со заштита на животната средина, што е погрешно, бидејќи зачувувањето на животната средина е само еден аспект на екологијата како наука. Проблемите со климатските промени и глобалното загадување привлекоа внимание на потребата да се грижиме за природните ресурси на планетата Земја, или би можеле да останеме без нив.

11 декември – Меѓународен ден на планините

2002. година била Меѓународна година на планините, и оттогаш, 11-ти декември се прославува како Меѓународен ден на планините и има за цел да го сврти вниманието на важноста на планинските региони како во снабдувањето со вода, така и во снабдувањето со храна. Планинските венци се значајни за животот, но тие секојдневно се деградираат како резултат на климатските промени, експлоатацијата на руди и вооружените конфликти.