Драг дедо Мраз, ти го пишувам ова писмо, со надеж дека патувајќи низ земјите, ќе ги сретнеш некаде по белиот свет моите сакани внуци Александро и Горјан, и ќе им кажеш дека премногу ги сакам…
Нема да лажам, ако ти кажам дека ги сакам потполно исто како и моите родени деца… Иако не сум ги видела точно 7 години, 4 месеци и 3 дена, како вчера да беше ги помнам деновите кога тие се родија, а јас плачев од радост и немерлива среќа, верувајќи дека синовите на мојот брат Панде се најубавиот подарок што ми го подарил животот. Како вчера да беше помнам какви подароци им купував, и колку успевав да ги радувам со нив… Се колнам, дека на моите родени деца никогаш не им купив толку скапи и уникатни подароци, бидејќи тие (внуците од брат ми) беа мојата прва радост, и немерлива среќа… А се родија во периодот кога најмногу заработував, и кога не ми беше важно колку ќе коштаат нивните желби…
ЈАС БЕВ НИВНИОТ ДЕДО МРАЗ, кој невозможното го претвораше во возможно! Сакав, само да се радувам со нивните насмевки и еуфорични воздишки, кои за мене беа најголемата радост и награда!
Верувам во твојата моќ дедо Мразе, во твојата голема мисија, и знам дека ќе ги пронајдеш, бидејќи јас не можам… А само ти, со твојата моќ, успеваш да дојдеш до домовите на сите деца во светот.
Во изминатава година имав многу лични и професионални успеси, запознав и соработував со прекрасни луѓе, стекнав добри пријателства, реализирав успешни ТВ проекти, објавив неколку книги, добив многу признанија, повторно и се вратив на музиката, а го оживеав и моето поранешно хоби – сликањето…
Но сето тоа не ми значи ништо особено дедо Мразе, бидејќи токму во оваа успешна година тие, моите сакани внуци, ( претпоставувам не по своја воља) ја спуштија и последната крената „ролетна“ која ѕиркаше кон нас, семејството на нивниот трагично починат татко, а мој единствен брат Панде… Тие, од неодамна, не сакаат да знаеме ништо повеќе за нив… ниту каде се, со кого се, ниту што прават и каде точно живеат… Не го знаеме ниту нивниот телефонски број, а за нив не постоиме ни на фб повеќе…
Замисли дедо Мразе, ја осудија на „доживотна“ казна дури и нивната родена баба Блага (мајката на татко им) , која ги растеше и чуваше, и во нив гледа СЕ ШТО ОСТАНА ОД НЕЈЗИНИОТ НЕПРЕБОЛ Панде… Не и се имаат јавено повеќе од 1 година, а таа, која е во осмата деценија од животот, секојдневно се моли да и се исполни последната желба за мирно да си замине на овој свет кај се надева дека ќе се сретне со нејзиниот првенец Панде… да ги види, и гушне барем уште еднаш до крајот на нејзиниот несреќен живот.
Затоа, мил мој дедо Мразе, те молам, пронајди ги и потсети ги дека тие се синови и на покојниот Панде – човекот кој многу ги почитуваше возрасните, родителите, ја обожуваше својата сестра, човек кој имаше огромна почит кон семејните вредности, човек – кој за да и ги исполни желбите на својата сопруга беше подготвен да замине да живее и на Северниот пол… Само таа да е среќна и задоволна! Човекот, кој заслужуваше СЕ НАЈДОБРО, а го снајде токму најлошото…
За негова љубов, и заради неговиот спомен, ТЕ МОЛАМ дедо Мразе, кажи им, замоли ги, да и се јават на нивната баба Блага… ТОА Е СЕ, ШТО БАРАМ ОД ТЕБЕ!
Тетка Сузе



















