Дислексија и поезија

2091

Кога бев ученик, наставниците не знаеја што е дислексија. Во мое време во училиштата воопшто немаше многу место за сочувство, разбирање и човечност. Но не се лутам на своите наставници. Некои од нив сакаа да помогнат на учениците, но тоа не им беше дозволено. Да се посвети внимание на децата, да се покаже разбирање, да се сослушаат нивните проблеми, тоа тогаш едноставно не се правеше: минатото е некоја друга земја. 

Моите идеи на часовите секогаш беа во судир со тоа што го зборуваа наставниците. Се сеќавам учителката еднаш рече дека човекот една третина од животот го поминува спиејќи. Кренав рака и прашав: „Ако постои Господ, зарем тоа не е грешка во неговиот план? Кога правиме некоја работа, сакаме да биде ефикасна. Да бев јас Господ, луѓето не би морале да спијат. Така би можеле да направат за една третина повеќе добри дела‟.

„Молчи будало‟, рече таа, „тогаш лошите луѓе би правеле лоши дела‟. Мислев дека мојата идеја е интересна. Бев креативен. И нејзиниот одговор беше добар. Но ете, ме нарече будала само затоа што го помислив тоа.

Еднаш зборуваше за Африка и „локалните дивјаци‟, а јас ја прашав: „Кој ви дава право да одредувате кои се дивјаци?‟ Таа одговори: „Кој ти даде тебе право да ми се спротивставуваш?‟ – И така си направив проблем.

Кога сфатив дека пишувањето не ми оди, побарав помош од наставничката. Таа ми рече: „Тоа не е ништо страшно. Не можат сите да бидат паметни. Но, сигурно си добар во спортот. Оди надвор, играј фудбал‟. „Одлична идеја‟, помислив тогаш, но денес знам дека бев жртва на стереотипи.

Веќе во училиште имав песни во главата. Кога имав 10, 11 години, мојата сестра ги запиша. Кога имав 13 можев помалку да читам, но читањето ми беше напорно и брзо се откажував. Мислев, ако можам да прочитам која монета колку вреди, тоа е доволно. За другото ќе ги прашам другите.

Бев исфрлен од неколку училишта, последниот пат кога имав 13 години. Ме исфрлија затоа што се однесував како уличар, се тепав, се расрпавав со наставниците. Никогаш никого не сум го нападнал со нож; но се одмаздив на еден наставник. Му го украдов автомобилот и се повозив по градината пред неговата куќа. Ми рече дека нацистите не се толку лоши колку што се зборува. Во тоа време тоа можеше да се каже во училница.

Продолжува на страна 2