
Во житието на свети Наум се вели дека тој е брат на свети Климента. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на брат во духовна смисла – собрат, но повеќемина се убедени дека Климент и Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православието епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.
Иако податоци за чудотворната моќ на светителот среќаваме и во житијата за него, што без сомнение биле извор и на народните умотворби, сепак, култот на св. Наум најповеќе е одразен во преданијата раскажувани на овој простор од најстари времиња, значи, уште од времето кога светителот бил жив. Сепак, тие се бележени од средината на деветнаесеттиот век па сè до денес. Најрано ги среќаваме во зборниците на браќата Миладиновци, и Кузман Шапкарев, а подоцна и кај други собирачи на македонски народни умотворби, патеписци, или едноставно кај луѓе што престојувале или пишувале за Охрид и Охридско и посебно за манастирот кој со својата местоположба и со култот на светителот го привлекувал вниманието.
Марко Цепенков, во своите записи за еснафските празници направил и список на празниците што ги служеле разните еснафи во Прилеп. Притоа вели дека чоаџо-абаџискиот еснаф го празнувал 20 јуни, Свети Наум Охридски. Тој и на друго место истакнува дека „Чоаџискиот еснаф го служеше св. Наум од Охрид…“ Во старо време, еден месец пред празникот Свети Наум, праќале од манастирот Свети Наум риби летници подарок на чоаџискиот еснаф и на секој мајстор му се подарувале по една како за покана, за да отидат на поклонение на манастирот. Бидејќи во тоа време еснафот бил во расцвет, на поклонение оделе фамилијарно мајсторите со калфите. Ако пак се случело да не одат, му испраќале парична помош на манастирот. „Јас само 2-3 години го достигнав тоа и после лека-полека паричната помош се прекина, пак и манастирот престана да праќа риби подарок за нашиот еснаф.“
Цепенков, уште во поглавјето за светците, истакнувајќи ги нивните функции вели: „Светците се наредиле на служба: и покрај другите свети Наума го споменува заедно со свети Андонија и свети Спиродона. Свети Наум, свети Андонија и свети Спиродон ‒ да лекуат улаите“.Значи во народното верување овие тројца светители се лекари што лекуваат душевни болести. Инаку, познато е дека меѓу христијанските светители има поголем број лекари, свети врачи, бесребреници (што значи лекувале бесплатно, коишто, лекувале со силата Божја. Такви се светите врачи Кузман и Дамјан, свети Пантелејмон, лекувал и свети Трифун и др. Не случајно со некои од овие свети врачи свети Наум е насликан на фреска во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Продолжува на страна 3


















