На Велики Четврток се одбележуваат настаните што Му се случиле на Спасителот пред да тргне на доброволните страдања.
Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата Евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора, во Гетсиманската Градина.
Велики Четврток е денот на Тајната Вечера. Велики Четврток е роденденот на Причеста – затоа што на Велики Четврток е востановена Светата Причест, на Тајната вечера. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста.
Во тој ден, учениците отишле да Го прашаат Христа каде сака да ја подготват и да ја јадат Пасхата. Според ова е јасно дека Господ Исус Христос немал сопствено живеалиште, а ни апостолите немале свои домови за да Го повикаат и да Го одведат на пасхалната вечера. Исто така, Исус Христос и Неговите апостоли сакале да го испочитуваат Старозаветниот закон за Пасха. Христос ги испратил апостолите Петар и Јован да ја подготват Пасхалната вечера. Преданието вели дека станува збор за куќата на евангелистот Јован Марко во Ерусалим. Можеби, токму заради одржувањето на Тајната вечер во тој дом, кога е востановена Светата Евхаристија, подоцна токму „куќата на Марија, мајката на Јована, наречен Марко“ постанува првиот храм во Ерусалим каде што се собирале мнозина и се молеле, односно, ја продолжувале светата тајна Евхаристија.
Подготовката на Пасхалното јагне, односно, Пасхалната вечера била како што предвидува обредниот закон: со горчливи билки, со вино и сè што било потребно за обредот. Христос на оваа Пасхална вечера или Тајна вечера, зел најобични работи: леб, вино, чаша и чинија, и на сето му дал вечно значење како на човечкото тело што го зел врз себе.
Господ Исус Христос го знаел предавникот и на Вечерата го навестил: „И кога седеа и јадеа, Исус им рече: ,Вистина, ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.‘
Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да велат: ,Да не сум јас?‘ А Он им одговори и рече: ,Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чинијата‘, (Матеј 26,20-25).
Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и ги толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите.
Ние, верниците, мислено сме внесени во последните мигови на страданијата, практично стануваме Христови сострадалници. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално.
На Велики Четврток се прави и општо маслоосветување, кое е различно од светата тајна елеосвештение. Ова маслоосветување се употребува за помазување на здрави, а елеосвештението се извршува над болни луѓе, за да оздравеат. Освен присутните во храмот за време на општото маслоосветување, со него се помачкуваат верниците през целата година. Тоа се прави за зачувување на здравјето: духовно и телесно и во знак на покајанието. Елејот е симбол на Божјото милосрдие – елеј на радоста и покајанието. Симбол на проштевањето.
Маслоосветувањето се прави на Велики Четврток затоа што во овие свети денови сите христијани треба да се каеме и да се помачкаме со маслото на покајанието, а Бог ќе ни ги прости гревовите, како што ѝ простил на жената грешница која Го помазала Господа.
Во Четвртокот попладне се читаат Дванаесетте Евангелија на светите Христови страдања. Во нив се опишуваат страданијата на Господа до Неговото распнување. Евангелските читања се проследени со црковни песни, кои со поетски израз го кажуваат евангелскиот збор. На оваа богослужба што се служи во вечерните часови, се изнесува Распетието – Крстот, со двете икони: на Богородица и свети апостол Јован под крстот, и се поставува на сред црква.
Автор Жагор
Забелешка: Преземањето на оваа содржина е дозволено само ако го наведете изворот со задолжително линкување на нашиот домен и оригиналната статија!
Доколку сакате да прочитате повеќе содржини како оваа, препорачуваме да го посетите нашиот портал www.kukuriku.com.mk, а со лајк на нашата фан страна станувате дел нашето многубројно членство facebook.com/Kukuriku.mk/.