Дали претпочитате ладен од топол чај ? За некои тоа не е баш најдобриот избор

226

Ако сте љубител на ладен чај, можеби ќе треба да размислите како да го подготвите.

Ладно сварениот чај има вкус подеднакво добар како и шолја свежо сварен топол чај, но за некои потрошувачи начинот на кој тој пијалок се подготвува може да претставува ризик поради бактерии, квасец, дури и мувла, според група експерти од германскиот Потрошувачки центар во Бремен.

Ова се случува затоа што билките и плодовите што се користат во билните чаеви обично се сушат по бербата, но не се третираат со топла пареа, велат од Центарот и додаваат дека направиле тестови на неколку видови чаеви достапни во Европа.

Тие предупредуваат дека некои мешавини може да содржат бактерии, квасци и мувла, а тоа претставува ризик по здравјето, особено за доенчињата, децата и луѓето со веќе постоечки состојби.

Поради сето горенаведено, за некои може да биде лоша идеја да се преливаат ќесички од билни и овошни чај со ладна вода.

Наместо тоа, побезбедно е кесичката да се прелие со врела вода и потоа да се остави да отстои 5 минути, особено ако чајот ќе го конзумира лице со почувствителна здравствена состојба.

Постојат специјални мешавини на ладни чаеви за оние кои едвај чекаат да се излади топлиот чај. Таквите мешавини обично се третираат со топла пареа за да се намали присуството на бактерии во нив.

Но, германските експерти предупредуваат дека вкусот на вака приготвениот чај често е различен бидејќи горчливите и таничните материи во чајот се раствораат дури откако смесата ќе се прелие со топла вода.

Ладно сварениот чај често има поблаг вкус.

Мешавините за леден чај се поскапи од обичните кесички чај и не се погодни сите видови за деца бидејќи повеќето од нив се базираат на црн чај, кој може да содржи кофеин.

Ладниот чај се приготвува така што 5 до 6 лажички чај се ставаат во соодветен сад и се прелива со литар ладна вода.

Готовиот пијалок оставете го во фрижидер преку ноќ 8 до 12 часа. После тоа, може да се сервира со мраз или парчиња овошје.

Овој метод најчесто се користи за подготовка на овошни, билни и ладни чаеви rooibos, додека за подготовка на зелени и црни ладни чаеви попогодна е топлата подготовка, имајќи предвид дека содржат танини, кои се ослободуваат во поголема мера доколку чајот останува во вода предолго.

Во вака подготвените чаеви може да се додадат засладувачи, парчиња овошје, цедени сокови или листови од ароматични растенија.