Д-р Андоновски | Децата не развиваат тешка клиничка слика и имаат лесна форма на Ковид 19

1507

Институтот за белодробни заболувања Козле успеа да го потврди приматот на најмодерна, нова болница, која припаѓа на државниот здравствен систем.

Нејзините капацитети како детска болница дозволуваат најудобен престој на малите пациенти, како оние кои имаат белодробни прболеми, така и оние позитивни и суспектни на Ковид-19. За функционирањето на Детската болница во вакви вонредни услови зборуваме со директорот д-р Ангелчо Андоновски, кој е воедно и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Колку пациенти се хоспитализирани во моментов во Ковид центарот во вашата установа, а колку во самата Болница. Имате ли капацитет за да ги прими сите деца со белодробни проблеми бидејќи се приближуваат есента и зимата кога вообичаено има пораст на заболени деца со респираторни проблеми?

Во во Ковид центарот на болницата Козле моментно се хоспитализирани 14 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и две деца позитивни на вирусот, една мајка и три деца суспектни. Меѓутоа, сакам да потенцирам дека Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле од самиот старт на новонастанатата состојба предизикана од Ковид – 19 функционира според сите препораки од СЗО и од здравствените власти. Веднаш по појавувањето на првиот позитивен случај во РСМ, Козле направи посебна реоргаизација и со првите протоколи за Ковид 19 стартуваше со тој начин на работа и така функционира и до ден денешен. Сите дечиња кои се фебрилни и кои имаат белодробни проблеми се предмет и задача на обработка од страна на ИБЗД Козле , така што до сега функционираме беспрекорно и се укажува помош на секое заболено дете.

Сега во моментов имаме и деца со белодробни проблеми кои се хоспитализирани и се на соодветен третман. Здравствените власти не го прекинаа нормалното функционирање на мој термин баш со цел да можат непречено да се прегледуваат сите пациенти на кои им е потребна нашата помош. Не сме уплашени од пикот воопшто туку и сега функционираме и сме подготвени за се што би ни се наложило зависно од сите параметри и состојби.

Каква е клиничката слика кај децата кои се заболени од Ковид-19, а кои се хоспитализирани кај Вас?

Она што научната јавност досега го публикуваше, а и нашето искуство тоа го потврдува, е дека постои, да речам, една среќна состојба кога станува збор за проблематиката во детската возраст. Односно се покажува дека децата не развиваат тешка клиничка слика, вообичаено сé поминува за многу кратко време и нема никакви последици. Меѓутоа, сакам да упатам апел, но и молба до родителите да се почитуваат пропишаните правила и протоколи бидејќи тие ни се најсилното оружје кое го поседуваме. Апелирам на коренита промена на свеста и совеста , повисока медицинска култура и да разбереме дека само заеднички сплотено можеме да си помогнеме во овој период. Посакувам сите ние да сме совесни и да ги запазуваме сите препораки и апели од здравствените власти и од Комисијата за заразни заболувања и да ја обезбедниме иднината на нас и на нашите деца.

Кои се вашите препораки и совети до родителите врзани за зголемување на имунитетот кај децата бидејќи е тоа клучно за превенција не само од Ковид-19 туку и од други болести кои доведуваат до респираторните проблеми кај децата, особено во зимскиот период?

Како педијатар можам да кажам дека имунитетот се крева со правилна исхрана , со храна богата со минерали и витамини, со така наречена детска гимнастика , со прошетки и игра во природа, што е еден природен начин на стимулирање на имуниот систем на еден млад детски организам. Доколку станува збор за суплементација со витамини и минерали , витаминот Ц да биде застапен постојано и да се даваат пробиотици во периодот што претстои . Но она што ќе биде клучно во следниот период е пред сé поголема внимателност на родителите и почитување на сите мерки , дистанца, носење заштитни маски и постојана хигиена за да не се инфицираме ние, а и нашите најмили. Само така правилно ќе ги воспитаме и своите дечиња и секогаш ќе се надеваме дека само и само така ќе се заштити нивното здравје.

Член сте на Комисијата за заразни болести која деновиве излезе со став врзан за почетокот на учебната година. Односно со препорака настава со физичко присуство на децата да има само за учениците од 1 до 3 одделение, организирано со посебни протколи, истото да важи и за училиштата со малку ученици, додека за останатите да биде онлајн. Околу ова прашање има многу спротивставени мислења. Што беше пресудно за ваквиот став на Комисијата?

Во Комисијата сметавме дека е многу ризично сите деца да се вратат во училиште без никакво ограничување во затворена просторија. Затоа излеговме со став дека наставата треба да почне да се одвива онлајн, освен во првите три одделенија каде е неопходно физичко присуство на децата.

Овој став на Комисијата го базиравме на информациите и фактот дека ниту во една земја од Европа не може да се предвиди што може да се случи наесен. Во оваа ситуација, стравуваме дека транспортот од и до училиште, комуникацијата на децата на одморите, за време на влез во училиштето, во заедничките простории, во ходниците, во есен во која едноставно не знаеме со што се соочуваме, и што може да нѐ чека, е премногу ризично.

Добро е што е прифатен овој наш предлог и што за него се постигна согласност и со ресорното Министерство за образование. Кога станува збор за ставот за физичко присуство на децата од прво до трето одделение, нашата анализа покажа дека кај најмалите стапката на заболување е најмала, некаде околу 3,4 отсто, и тие имаат сосем лесна форма на болеста или се практично асимптоматски носетели. Меѓутоа и овде е дадена и опција родителите да можат да одлучат дали нивните деца ќе посетуваат настава со физичко присуство или онлајн од причина што можеби некои родители имаат хронични болести или ги чуваат баби и дедовци кои се ризична категорија, па семејството е во поголем ризик. Училиштата, пак, каде има мал број на ученици, во согласност со родителите, ќе можат да донесат одлука дали ќе ја следат настава со физичко присуство.

Пртоколите за физичкото присуство инаку се усогласени со МОН и предвидуваат во училниците да нема повеќе од 20 деца, тие да седат на еден ипол метар дистанца, да носат маска, наставникот да биде цело време присутен со нив, да не се излегува за време на одморите, а почетокот на различни одделенија да биде со 10 минути разлика, за да не се сретнуваат многу деца на влезовите или при излезот на крајот на наставата. Доколку овие протоколи добро се применуваат, ризикот од ширење на заразата е минимален.

Во ова време на пандемијата со Ковид-19 многу компании се покажа како општествено одговорни и се потрудија да помогнат на здравствениот сектор за полесно справување со заканата. Вие деновиве добивте една вредна донација од Жито Лукс. Какво е вашето искуство во поглед на општествената одговорност на компаниите?

Точно така. Деновиве добивме донација од Жито Лукс во леб, брашно и колачи, соодветно на потребите на нашата здравствена установа. Жито Лукс е компанијата во која што гледаме свој долгогодишен пријател и партнер што искрено се грижи, помага и ја дава својата безрезервна поддршка во нашите напори да понудиме најдобра здравствена нега. Компанијата во повеќе наврати има реализирано донации за Институтот, од медицински апарати, инвентар за опремување и подобрување на болничките услови како и производи. Тоа што повеќе пати донирале во нашата установи зборува за нивната способност да препознаат каде помошта е најпотребна и за посветеноста на оваа компанија кон подобрување на условите во јавните здравствени установи, за пациентите и за вработените.

Се надевам дека оваа донација покрај тоа што претставува значајна поддршка за нашата установата ќе помогне и за зголемување на свесноста и одговорноста на бизнис секторот кон сите јавни здравствени установи. Тоа ќе биде од огромна помош во вкупните напори да се смени сликата на здравство и достигнување на стандарди на добро опремено и квалитетно здравство што е потребно како за вработените така и за сите граѓани.

Локално.Мк