СЗО им препорачува на владите во светот да го спречат пристапот на непушачите до електронските цигари.
Електронските цигари и други слични производи се опасни за здравјето и нивната употреба треба да се регулира, со цел да се спречи тутунската индустрија да „регрутира“ потенцијални купувачи од самиот почеток, предупреди СЗО.
„Никотинот е многу зависен, а електронските инхалатори за никотин се исто толку опасни, па нивната употреба треба да биде подобро регулирана“, рече шефот на агенцијата на ООН, Tedros Adhanom Ghebreyesus, кој објави нов извештај за борба против пушењето реализиран во соработка со Bloomberg Philanthropies.
Во извештајот се вели дека производителите на вакви производи, чиј асортиман продолжува да се шири, честопати се насочени кон деца и адолесценти кои ги привлекуваат со илјадници различни вкусови (во извештајот се наведува дека има дури 16.000).
Агресивна промоција на електронски цигари
Michael Bloomberg, милијардер и поранешен градоначалник на New York, кој долго време е ангажиран во борбата против пушењето, ги осуди тактиките на тутунските компании.
„Со оглед на забележаниот пад на продажбата на цигари, тутунските компании агресивно промовираат нови производи како што се е-цигарите или слични производи од тутун и лобираат во владите за ограничување на постојните регулативи. Нивната цел е едноставна: да придобијат нова генерација на зависници од никотин, а ние не можеме да го дозволиме тоа“, рече Bloomberg.
Затоа, шефот на СЗО верува дека во земјите каде овие производи не се забранети, „владите треба да донесат соодветни мерки за да го заштитат нивното население од опасностите што ги носи електронскиот никотински инхалатор и да се спречи нивната употреба меѓу децата, адолесценти и други здравствено чувствителни групи”.
Страв од повторно популаризирање на пушењето
Агенцијата на ООН е особено загрижена за употребата на електронските цигари кај оние на возраст под 20 години заради штетните ефекти на никотинот врз развојот на мозокот на оваа чувствителна возраст и за опасностите што одредени состојки можат да ги претставуваат.
Агенцијата проценува дека децата кои користат електронски цигари многу поверојатно ќе продолжат да пушат подоцна.
Но, регулирањето на овој домен не е лесна задача затоа што тоа е „разновидност на производи кои еволуираат многу брзо“, рече д-р Rüdiger Krech, директор за промоција на здравјето при Светската здравствена организација, додавајќи: „Ова е еден од начините на кој производителите користат да ги поткопаат регулативите и контролните мерки.“
СЗО им препорачува на владите да сторат се што можат за да спречат непушачите да имаат електронска цигара, стравувајќи од обнова на пушењето, особено кај младите.
Пушењето убива осум милиони пушачи годишно
Според извештајот на агенцијата на ООН, употребата на електронски цигари е забранета во 32 земји, а 79 од нив имаат усвоено барем една мерка што ја ограничува нивната употреба, на пример – забрана за рекламирање.
Во исто време, СЗО посочува дека дури 84 земји во светот немаат регулативи што би спречиле продажба на овие производи.
Агенцијата исто така привлекува внимание на фактот дека нивните напори за регулирање на електронските цигари не треба да го одвлекуваат вниманието од борбата против пушењето.
И иако уделот на пушачи се намалил во многу земји, растот на глобалното население значи дека вкупниот број пушачи „останува подеднакво висок“, се вели во извештајот на СЗО, додавајќи дека пушењето убива осум милиони пушачи годишно, вклучително и еден милион пасивни пушачи.



















