Имав многу, многу вредна баба, а беше само метар и жилет. Но, тоа не ѝ пречело да се справи со сите задачи и тешкотии, без оглед на тоа дали работата била машка или женска.
Кога ќерка ѝ би ја повикала (веќе беше вдовица) ете ти ја шпринт, па ќе шие, чисти, пегла, варосуе … нема што не работи.
По потекло Германка од Наков со идниот сопруг се запознала додека била во логор за време на 2-та Светска Војна. Тој, со оглед на годините, е ангажиран дури кон крајот на војната и ранет во газ. Како токму таму, прашав, да не бил бришан простор?
Нема шанси, вели, штом ќе запукаа ние главата во земја, а задникот издаден нагоре … и така заработил куршум.
Тој бил толку кус човек што ме потсети, кога се прашував како дете, штом ќе забележав голем човек и мала женичка, како ли ги прават оние работи? Но, со текот на годините сфатив дека без разлика колку си долг, сѐ уште си краток.
Еден ден со законската ми жена отидовме во град, а таа остана дома со децата велејќи дека ќе го среди станот, а тоа значело тотална генералка. И навистина, кога се вративме во вечерните часови сѐ беше исчистено, а децата на спиење. Но, јас забележав дека сепак нешто не е вред, се однесува чудно, необично, па со самото тоа се наметнува прашањето: Што ѝ е? Пелтечеше и викаше “отиде, отиде … магарето, (тоа беше нејзината омилена пцост), нешто не е добро, не е од Бога”, покажувајќи кон полицата, а потоа се преврте на подот божем мртва.
Веднаш ја ставивме во автомобил, а соседката ја замоливме да ги подгледнува децата и се упативме на итна. Таму, некако ја вратија, но сепак не е “своја”. Следи тест на крвта, потоа преглед на интернист и невролог. Дежурниот невролог е мој добар познаник, па ми беше малку полесно. Не изгуби многу време на преглед, туку ме повика на страна и ми ја објасни ситуацијата.
Се фатив за глава вчудоневиден, а тој ми рече: “Што е направено, направено е, сега може да одите дома.”
Кога ги склопив сликите во мојата глава ја седнавме ѝ неа на задното седиште и отидовме дома. Жената ме погледна прашално, всушност, тоа беше прашањето и јас не одговорив. Молчевме целиот пат до дома.
Знае ли Таа дека јас знам?
Зошто не сака да ми каже?
Сите бевме со своите мисли.
Дури кога ја седнавме на каучот и им се заблагодаривме на соседите затоа што се грижеа за децата, отидов до полицата и го отворив мини барот внимателно да не излета некое ѓаолско суштество. Жената молчешкум гледаше што правам, веројатно и таа ги редела сликичките, а на полицата како што рече лекарот, навистина не беше сѐ по Божја воља, недостасуваа шишињата од ракија.
Ние само се насмеавме и никогаш не сме го спомнале инцидентот.
Приказна од нашето маало.
ЏпЏ



















