Новинарите и научници Петра Куве и Питер Фин поминале многу години во обид да ја откријат вистината за првото издание за еден од најпознатите руски романи. Излегло дека славниот „Доктор Живаго“ на Пастернак на руски јазик го има објавено ЦИА во склоп на својата пропагандистичка војна против СССР. Куве и Фин за „Руска реч на македонски“ зборуваат за резултатите од истражувањата наведени во нивната нова книга „Случајот Живаго“.
По повеќедецениски труд познатиот руски писател Борис Пастернак во 1956 година го завршил својот најпознат роман „Доктор Живаго“, епска приказна за љубовта и за страдањата. Делото отстапувало од официјалната херојско-работничка естетика. Советските власти не дозволиле романот да биде испечатен, но ракописот тајно бил пренесен во Италија. На крајот завршил во рацете на ЦИА. Тоа што многумина не го знаат е дека токму американската агенција го има објавено првото издание на руски јазик и го има претставено на светската изложба во Брисел во 1958 година.
Изложбата претставуваше ретка можност за голем број советски граѓани да посетат некоја манифестација на Запад – Белгија имаше издадено околу 15.000 визи за посетителите од СССР. Затоа ова беше одлична можност за ЦИА да ја дистрибуира тукушто напечатената книга.
„Овој роман има големо пропагандно значење“, стоело во дописот на ЦИА упатен до шефовите на одделите за СССР, „не само поради самата порака која наведува на размислување, туку и поради околностите под кои е печатен: имаме можност да ги поттикнеме граѓаните на Советскиот Сојуз да се запрашаат што не е во ред со нивната влада, кога едно вакво вредно книжевно дело на најголемиот жив руски писател не смее да биде објавено во неговата сопствена земја“. Изданието од 1958 година е само едно од низата.
Следната година ЦИА објавува џебно издание во мека поврска, припишано на фиктивен издавач, кое требало да им биде поделено на советските и на источноевропските студенти на Светскиот фестивал на младината и на студентите за мир и пријателство во Виена во 1959 година.
Продолжува на страна 2



















