Климатски извештај ја вознемири Европа ! Жештини, пожари и рекорди низ континентот

80

Дури 95 проценти од Европа во 2025 година имале надпросечни температури, предупредува новиот Извештај за состојбата на климата во Европа.

Научниците велат дека континентот се затоплува најбрзо во светот, а последиците веќе се чувствуваат преку екстремни горештини, пожари и топење на мразот.

Извештајот е изработен од Европскиот центар за среднорочни временски прогнози (ECMWF) и Светската метеоролошка организација (WMO), врз основа на анализи од околу 100 научници.

Европа се загрева двојно побрзо од светот

Според податоците, од 1980 година Европа се затоплува двојно побрзо од глобалниот просек.

Научниците утврдиле дека температурите на континентот растат за околу 0,56 степени Целзиусови по деценија од средината на 1990-тите.

Експертите предупредуваат дека топлотните бранови стануваат сè почести, подолги и поинтензивни.

Феноскандија меѓу најпогодените региони

Субарктичките делови на Финска, Норвешка и Шведска, познати како Феноскандија, минатото лето беа погодени од тринеделен топлотен бран.

Температурите во Арктичкиот круг достигнале 30 степени Целзиусови, додека во норвешкиот Фроста биле измерени 34,9 степени.

Дополнително загрижува и состојбата на Свалбард, арктички архипелаг што се загрева три до четири пати побрзо од европскиот просек.

Драма на југот на Европа

Јужна Европа повторно беше на удар на екстремни горештини.

Во Турција, температурите за првпат достигнале 50 степени Целзиусови, додека во Грција дури 85 проценти од населението било погодено од температури близу или над 40 степени.

Шпанија го регистрирала најжешкото лето од почетокот на мерењата во 1961 година.

Во текот на летото, силни топлотни бранови зафатија и Португалија, Франција и делови од Велика Британија.

Рекордни шумски пожари

Екстремните горештини придонеле и за сериозни пожари низ Европа.

Според извештајот, во 2025 година изгореле рекордни 1.034.550 хектари шумска површина.

Научниците предупредуваат дека ризикот од шумски пожари дополнително ќе расте во сите европски региони.

Се топат снегот и мразот

Како што растат температурите, се намалуваат деновите со температури под нулата.

Во март 2025 година снежната покривка во Европа била 31 процент под просекот, односно околу 1,32 милиони квадратни километри.

Исланд го забележал второто најголемо топење на мразот во својата историја, додека Гренланд изгубил 139 гигатони мраз, што придонело за пораст на нивото на морето.

Последици и за природата

Топлотните бранови влијаат и врз биодиверзитетот, особено во Медитеранот.

Под закана се ливадите од морска трева, кои претставуваат важни живеалишта за илјадници морски видови и природна заштита на крајбрежјата.

И позитивни вести: Расте обновливата енергија

Извештајот сепак носи и охрабрувачки податоци.

Трета година по ред, обновливите извори произвеле повеќе електрична енергија во Европа отколку фосилните горива.

Тие учествувале со 46,4 проценти во вкупното производство, додека сончевата енергија достигнала рекордни 12,5 проценти.

Предупредување од научниците

Експертите нагласуваат дека напредокот не е доволен и дека Европа мора побрзо да ја намалува зависноста од фосилните горива.

Според нив, климатските промени веќе не се идно сценарио – тие се реалност што континентот ја чувствува денес.