Зорица Петрова, прва жена машиновозач во Македонија | Квалитетите на поединецот треба да бидат критериум за вработување

474
За жал, не бев примена на конкурсот, иако бев единствено женско со положена лиценца за машиновозач.

Аплицирав за Германија, требаше во април да се започне со процедурата, но поради ситуацијата сè е одложено. Но јас сепак сакам да сум вработена во Македонија, зашто колку и да се тешки реформите, мора некој прв да ги собори бариерите.

Зорица Петрова, од селото Богородица, во близина на Гевгелија, е прва жена машиновозач во Македонија. Не случајно се одлучила за оваа професија. Израсната е на железницата, во семејство каде што се „вртеле“ муабети на оваа струка.

Полагањето за добивање на лиценца го завршила на 11 декември 2018 година, а лиценцата ѝ била врачена дури за 8 март, 2019. Иако многу си ја сака професијата и иако покажа како се рушат бариерите кога се во прашање жените во таканаречените машки професии, за жал, 26-годишната Зорица засега нема можност да си го покаже своето знаење во областа за која учела.

Зошто се одлучи за професијата машиновозач, што те привлече во оваа професија? Зошто не, на пример, пилот, туку токму машиновозач?

– Идејата за машиновозач прво ми дојде од тоа дека во Македонија нема жена машиновозач, а јас ја сакам таа струка, воедно и пораснав на железницата. Исто така и татко ми е цели 35 години вработен во „Македонски железници транспорт“, што значи дека и дома се води муабет за такви струки.

Очекувам да бидеме повеќе жени во оваа струка не само како машиновозачи, туку и на другите работни места во железницата.

Кој беше патот да стигнеш до лиценцата? Дали лиценцата ти осигурува и вработување?

– Прво завршив средно образование: машиновозач за дизел и електрични влечни возила. Потоа бев три месеци на пракса во депо, откога го завршив тој дел три месеци бев на пруга како трето лице помошен машиновозач. Кога го завршив и овој дел, на правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје полагав испит од два дела за проверка колку знаење сум стекнала во тие шест месеци. Со сите процедури, односно со полагањето како последно нешто за добивање на лиценцата завршив на 11 декември 2018 година, а веќе следниот ден излезе конкурс за машиновозач на кој аплицирав зашто бараа и во подружницата Гевгелија три извршители, помошник машиновозач – приправник. За жал, не бев примена на конкурсот, иако бев единствено женско со положена лиценца за машиновозач, која требаше да ми ја издадат во рок од 30 дена, а мене ми беше врачена дури на 8 март 2019 година.

Дали оваа лиценца важи и за вработување или ангажман надвор од границите на Македонија?

– Не важи за вработување надвор од нашите граници, но е предност за полесно добивање европска лиценца, која важи во поголемиот дел на Европа.

Колку е барана оваа профија кај нас, а колку во Европа?

– Кај нас колку што сум во тек со конкурсите на Македонски железници, гледам дека многу ретко излегуваат. Додека во Европа има голема побарувачка, со исклучок на денешната ситуација со ковид-19, и исто така даваат доста добри услови за дообука и запознавање на нивната инфраструктура. Аплицирав за Германија, требаше во април да се започне со процедурата, но поради ситуацијата сè е одложено. Но јас сепак сакам да сум вработена во Македонија, затоа што, колку и да се тешки реформите, мора некој прв да ги собори бариерите.

Какво е чувството да се биде прва жена кај нас во оваа професија? Дали тоа што си жена ти носи привилегии или, напротив, потешкотии?

– Досега привилегија не сум почувствувала со фактот што сè уште сум невработена како машиновозач и одбиена на еден конкурс од страна на „Македонски железници“.

Какво искуство имаш со колегите, дали се солидарни, или се зачудени од твојот избор?

– Моето искуство е ограничено само на трите месеци што ми ги овозможи праксата за стекнување лиценца. Во тој период голем дел од колегите многу ме поддржуваа во тоа што би сакала да го работам и вложуваа труд да ми пренесат голем дел од нивното знаење, но сепак, имаше и некои скептици, кои велеа дека оваа струка е доста занемарена и буквално не е за женско.

Зорица Петрова, прва жена машиновозач во Македонија

Очекуваш ли женска поддршка со оглед на тоа што во железницата сега има жени на клучни позиции?

– Се надевам дека како женско ќе имам голема поддршка не само од женската популација што е во железницата, туку и низ цела Македонија. Затоа очекувам да бидеме повеќе жени во оваа струка, не само како машиновозачи, туку и на другите работни места.

Кои се твоите следни предизвици во врска со напредувањето во професијата?

– Најпрво прифаќање од голем дел вработени во железницата дека оваа професија може да ја врши.

За Слободен печат Јасмина Кантарџиева Димков