Проколнатиот остров на венецијанската лагуна | Фото/Видео

205

Повеља (it. Poveglia) е еден од многуте острови во лагуната на Венеција, но наместо да биде преплавен со туристи, никој не се осмелува да стапне таму, а рибарите не сакаат ни да се приближат до островот од страв да не уловат човечки коски со мрежите.

Карантин, место каде што жртвите на чумата барале вечен мир, а до пред неколку децении и душевна болница – малиот остров Повеља бил сведок на многу непријатни настани, а денес стои напуштен, преплавен со плевел и трошни згради, на само три километри од блескавите палати на славниот Гранд канал.

За Повеља кружат разни приказни, кои се еднакви на најужасниот хорор, а една од нив е дека толку многу луѓе починале на островот, што денес скоро 50 проценти од земјата е всушност пепел на изгорени човечки тела.

Локалното население со право ја заобиколува Повеља во широк лак, сметајќи го за најопседнато место во Италија, бидејќи илјадници луѓе ги загубиле своите животи на толку мал простор, а туристичките брошури и водичи се преправаат дека овој остров не постои.

Низ вековите, Европа била погодена неколку пати од страшна чума која однела безброј животи, а болните во околината на Венеција биле испратени во Повеља, сами и напуштени да го дочекаат својот крај. Во 1922 година, на островот била отворена болница за ментално болни, каде што биле носени сите оние кои отстапувале од вообичаените норми на однесување.

Се вели дека во болницата работел лекар кој вршел најстрашни експерименти врз болните, сакајќи да открие лек за ментална болест и да стане славен во светот, но, тврдејќи дека го прогонувале душите на починатите, тој извршил самоубиство скокајќи од камбанаријата која доминира на островот, а во кој ги извршувал злосторствата.

Според некои податоци, околу 160.000 луѓе ги загубиле своите животи на Повеља, па дури и денес, на островот може да се најдат коски кои сведочат за тие страшни времиња.

Повеља денес е напуштен остров, а италијанската влада не дозволува посета на туристи. Сепак, можно е да се отиде таму, но многу е тешко да се најдат возачи на водените такси чамци или обични чамци кои сакаат да возат до проколнатиот остров, а оние кои ќе се согласат, бараат и до 200 евра за возење.

Сурово, но вистинито, човечки остатоци ја хранат земјата на Повеља, па денес таму успева винова лоза од која се прават најдобрите вина во Венеција.

A Place Which Is Still Free – Island of Poveglia from Basharat Khan on Vimeo.